Murat Ünlü
06 Мај 2017•Ажурирај: 07 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Кампањата на францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон од движењето „Напред!“ (En Marche!), била жртва на напад од страна на компјутерски хакери, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението кое го издаде центарот на кампањата на Макрон се истакнува дека кампањата на претседателскиот кандидат од партијата „Напред!“ била жртва на „интензивни кибер напади”.
Во соопштението се истакнува дека компјутерски хакери минатата недела украле вистински документи од кампањата, сакајќи да му наштетат на Макрон пред утрешниот втор круг претседателски избори во Франција.
Се претпоставува дека хакерите успеале да украдат повеќе од 10.000 електронски пораки од екипата која работи на кампањата на Макрон, меѓу кои се наоѓаат и информации за нивната имотна состојба.
Претходно, Фик Хакборд, експертот од компанијата за компјутерска безбедност Тренд Микро, информираше дека компјутерските хакери кои работат за разузнавачката служба на Русија извршиле напад врз кампањата на Макрон, а настанот го потврдија и одговорните од центарот на кампањата на Макрон.
Анкетите за испитувањето на јавното мислење во Франција покажуваат дека претседателскиот кандидат Макрон засега се наоѓа пред Марин Ле Пен, кандидатката на екстремната десница.