Ekipa
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) да се повлечат од меѓународниот Договор со Иран е загрижувачки чин, изјави портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, јавува Anadolu Agency (AA).
„Повлекувањето на САД од Договорот е загрижувачко и претставува ризик за започнување на нова дестабилизација, тензии и конфликти во регионот“, изјави Калин.
Тој на денешната прес-конференција порача дека таквиот потег на Вашингтон ќе му наштети на американскиот меѓународен углед.
„Едностраното повлекување на САД од Договорот што беше постигнат со Иран по долги преговори и дипломатски иницијативи, го поткопува кредибилитетот на САД“, изјави Калин во Анкара.
Тој порача дека најголемиот приоритет на Турција е целосна денуклеаризација во регионот.
„Не сакаме која било држава во регионот да поседува нуклеарно оружје. Наш приоритет е целосна денуклеаризација во регионот, без оглед на поседувачите на оружје“, рече Калин.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека САД се повлекуваат од Нуклеарниот договор со Иран, напоменувајќи дека повторно ќе ги врати санкциите кон Иран, кои беа укинати во 2015 година.
Договорот меѓу Иран и шесте сили (Соединетите Американски Држави, Франција, Кина, Русија, Велика Британија и Германија) ја ограничува иранската Програма за збогатување на ураниумот со цел да не може да се употреби за развој на атомско оружје, а за возврат на Иран му беа ублажени меѓународните санкции, од кои најголем дел беа укинати во јануари 2016 година.