Sinan Uslu
14 Април 2018•Ажурирај: 14 Април 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, порача дека било незамисливо да не се одговори на режимот на Асад, за кој е утврдено дека извршил напад со хемиско оружје врз Дума, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин даде писмена изјава во која се осврна на интервенцијата на САД, Велика Британија и Франција во Сирија, во која рано утрово се бомбардирани повеќе позиции на режимот на Асад, а меѓу другото, станува збор и за магацини со хемиско оружје во Сирија.
„Беше незамисливо да не се одговори на режимот на Асад, за кој е утврдено дека изведе напад со хемиско оружје врз Дума“, порача Калин.
Тој подвлече дека е неопходно одговорните за нападот врз Дума да одговараат за тоа, и во писменото обраќање, ја повика меѓународната заедница на единство во спречувањето можни напади со хемиско оружје во иднина.
Калин наведува дека напорите за уништување на хемиското оружје нема да бидат доволни за отстранување на нестабилноста во регионот.
„Само напорите за уништување на хемиското оружје нема да бидат доволни за ставање крај на нестабилноста во регионот. Неопходно е целта да биде завршување на војната. Спречувањето на сите злосторства и масакри со конвенционално и хемиско оружје, зависи од што поскорото осигурување на политичко решение во Сирија“, порача Калин.