Ekipa
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека постигнатиот договор за прекин на огнот во Сирија е секако позитивно нешто и дека Турција го поддржува примирјето кое ќе му овозможи на сирискиот народ да здивне, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, денес во Анкара, организираше прием за претставниците на најниските истанци на локалната власт од неколку јужни и југозападни региони на земјата, а во обраќањето на присутните се осврна и на случувањата во соседна Сирија.
„Секако, позитивна работа е тоа што е договорен прекин на огнот во Сирија. И ние сакаме нашите сириски браќа да здивнат малку и го поддржуваме тоа примирје. Но, со тоа примирје отворено и силно се дава поддршка на Асадовиот режим и неговите сојузнци кои се одговорни за смртта на половина милион луѓе, додека за сириската опозиција и понатаму се користи нејасен јазик”, рече Ердоган.
Ердоган тврди дека ситуацијата во Сирија е „очајна” доколку за тоа, кој на која опозициона група и припаѓа, одредува сирискиот режим, Русија и терористичките структури како ПЈД/ЈПГ.
„Загрижени сме дека би можело да дојде до отворање на вратата на уште поголема трагедија, доколку џелатот и жртвата се стават во ист кош, а контролата му се даде на џелатот”, рече Ердоган.
Турскиот претседател и во оваа пригода кажа дека е крајно време целиот свет да го сфати и прифати фактот дека групата ПЈД/ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК, и запраша зарем за тоа не беа доволни нивните бомби кои убија 29 луѓе во Анкара и зарем треба да експлодираат и во некои други главни градови.
„Мораме итно да ја завршиме таа комедија и смешна игра. На групата која отворено вели дека делува заедно со ПКК ѝ се зборува ,не, ти немаш никаква врска со ПКК'. Тоа е поигрување со нашиот разум и разумот на целиот свет. Никој нема право да си поигрува со нас”, заклучи Ердоган.
Официјални лица на САД и Русија изминатиов викенд договорија, а сириската влада и опозиција накнадно го прифатија, прекинот на огнот во Сирија, кој на сила би требало да стапи во сабота, 27-ми февруари.