Ekipa
16 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Најмалку 60 поранешни турски полицајци се лишени од слобода за време на операцијата која од утринава ја спроведува полицијата во 30 турски области, во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Државното обвинителство во Анкара издаде налози за приведување на вкупно 108 пензионирани или суспендирани полицајци кои се товарат за поврзаност со терористичката организација ФЕТО и обид за воен удар кој таа организација го изведе на 15 јули минатата година.
До сега приведени се најмалку 60 осомничени лица, а полициската операција е во тек.
Меѓу осомничените е и еден поранешен директор на полицијата, како и неколку поранешни полициски командири и комесари.
Терористичката организација ФЕТО во 70-тите години на минатиот век почна своите поданици да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, за во 80-те години значително да ги зајакне своите паралелни пирамиди во овие институции за на 15 јули, минатата година, да изврши неуспешен обид за воен удар со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.