БАГДАД (А) - Предводени од Соединетите Американски Држави (САД), силите на Меѓународната коалиција, на денешен ден пред точно 15 години извршија инвазија на Ирак, со цел, уривање на режимот на Садам Хусеин, обвинет за поврзаност со терористичката организација „Ал Каеда“ и поради поседување оружје за масовно уништување, пишува Anadolu Agency (AA).
Инвазијата на Ирак беше своевиден одговор на терористичките напади на 11 септември 2001 година во Њујорк, а официјален Вашингтон, операцијата ја правдаше со намерата дека сака да го спречи режимот на Садам да развие хемиско, биолошко и нуклеарно оружје.
Еден месец по инвазијата на САД, објавена е листа со имиња на 55 најбарани членови на соборениот режим на Садам. Забранета е работата на партијата „Баас“, а илјадници ирачки службеници останаа без работа.
Најголемиот дел од најистакнатите функционери од режимот на Садам се уапсени или убиени во текот на инвазијата. Убиен е и Садам, кој на чело на Ирак се наоѓаше од 1979 година, како и неговите два сина, потпретседателот Таха Јасин Рамадан и претседателскиот советник, Али Хасан ал-Маџид, попознат како „хемичарот Али“.
Меѓу најблиските соработници на Садам, кои беа уапсени и починаа во затворите, беа потпретседателот на Ирак, Таха Махи-елдин Маруф, премиерот на Ирак, Мохамед Хамза Ал Зубеиди, како и неговите заменици, Тарик Азиз и Хикмет Мизбах ал-Азави.
Зад затворските решетки сѐ уште се наоѓаат бројни блиски соработници на Садам, вклучувајќи го и поранешниот ирачки министер за одбрана, Султан Хашим ал-Таи и Садамовиот зет, Џамал Мустафа ал-Тикрити, кој ја извршуваше функцијата шеф на Канцеларијата за племенски работи и дефакто беше еден од влијателните поединци на режимот.
Американската војска, по инвазијата ослободи голем број членови на Садамовата партија, вклучувајќи го и биологот Худа Салих Махди, претседателскиот советник за научен развој, Амир Хамуд ал-Саад и поранешниот министер за образование, Хумам Абд ал-Калик.
Голем број истакнати функционери на Садамовиот режим, останаа недостапни за американските сили по инвазијата, вклучувајќи го Садамовиот заменик, Изат Ибрахим ал-Доур, како и шефот на ирачката Разузнавачка служба, Тахир Џалил Хабуш ал-Тикрити.
Нивната судбина не ѝ е позната на јавноста, а некои локални извори јавуваат дека Ал-Доур формирал милитантна група, со цел, преземање на власта во Ирак, но дека таа група доживеала големи загуби во судирите со Ирачките безбедносни сили или со терористите на ДЕАШ.
Воениот аналитичар Собхи Назем изјави дека голем број блиски соработници на Садам и негови роднини, вклучувајќи ги неговата сопруга и ќерки, избегале од Ирак и побарале азил во различни земји. Најголем дел од нив избегале во Сирија, Јордан, Египет и во Обединетите Арапски Емирати.
Со укинувањето на партијата „Баас“, голем број нејзини членови преминаа во други сунитски политички партии, а сето тоа доведе до засилување на тензиите меѓу сунитските и шиитските заедници.
Политичкиот и воен аналитичар Ибрахим ал-Сумаидаи, за АА изјави дека некои блиски соработници на Садам повторно се вратиле во Ирак, откако ДЕАШ го зазел Мосул и други градови на северот од Ирак.
„Тоа е случај со Сеиф ал-Дино и Дадил Махмуд Гариб. Се вратија на барање на терористите на ДЕАШ, но погубени се заедно со уште 21 поранешен офицер на ирачката војска“, раче Ал-Сумаидаи.
Инвазијата доведе до уривање на режимот на Садам, но Ирак и понатаму се наоѓа во длабока безбедносна, политичка и економска криза.
Кон средината на 2014 година, Мосул и поголемиот број северни и западни региони преминаа под контрола на терористичката организација ДЕАШ. Кон крајот на минатата година, здружените Ирачки безбедносни сили ги совладаа терористите, но Ирак и понатаму е далеку од безбедна, стабилна и демократска земја, каква што беше најавувана со инвазијата пред 15 години.
Меѓуетничките и меѓусекташките конфликти во Ирак не престануваат, а во таква околина, голем број офицери на режимот на Асад, успеаја да се вратат во службата.
„Голем број воени функционери успеаја да се приближат до политичките партии и да се вратат во Ирачките безбедносни сили. Сега тие се на највисоки функции во тие сили“, рече воениот аналитичар Собхи Назем.