Senada İbraimova
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со поддржувачите, кои протестираат против албанската платформа, вечерва повторно се собраа пред Владата на Република Македонија (РМ), од кадешто маршираа до Собранието на РМ. Тие и вечерва нагласија дека се против предложениот кандидат за претседател на Собранието,Талат Џафери, јавува Anadolu Agency (AA).
Како и вообичаено, демонстрантите се собраа пред Владата на РМ, од каде што продолжија преку Народната канцеларија на претседателот на РМ, до Собранието на РМ.
Дел од организаторите и поддржувачите на овој протест пред Собранието повторно одржаа говори и нагласија дека се против предложениот кандидат за претседател на Собранието, Талат Џафери, како и, како што велат, против секој друг кој ја прифаќа албанската платформа.
Тие и вечерва истакнаа дека нема да престанат да се собираат и протестираат сè додека не им се исполнат барањата.
Протестите, организирани од оваа иницијатива, траат од 27. февруари кога лидерот на СДСМ Зоран Заев поднесе пред претседателот на државата Ѓорѓе Иванов доказ за парламентарното мнозинство за формирање нова влада, додека претседателот по два дена истиот го одби, тврдејќи дека „нема да му го додели мандатот на секој еден кој преговара за странски платформи со кои се загрозува македонскиот народ, се заканува на унитарноста на државата, сувереноста и независноста”.
Луѓето кои маршираа, носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се разотиде.
Организаторите на протестот за утре собирот го најавија за пред Собранието на РМ.
Инаку, СДСМ, Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Алијансата за Албанците, со потпишувањето на 20 пратеници поднесоа предлог за кандидатот на ДУИ, Талат Џафери да биде нов претседател на Собранието, но ВМРО-ДПМНЕ бара новиот кандидат кој ќе биде предложен да биде против платформата на албанските партии.