Ekipa
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
ХАМА (АА) - Воените бази на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во Хама и Алепо изминатата ноќ беа цел на жестоки ракетни напади, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА од Хама извести дека по нападот, во воената база позната како 47. Полк, одекнала силна експлозија и избил голем пожар.
Прорежимската сириска новинска агенција САНА потврди дека цел на нападот биле воените бази во Хама и Алепо.
Паралелно со тоа, иранската новинска агенција ИСНА објави дека во двете нападнати бази биле и борците на иранските сили. Истиот извор јавува дека голем број борци загинале во нападите минатата ноќ, и дека меѓу нив има најмалку 18 припадници на иранските сили.
Одговорноста за нападите минатата ноќ сè уште не ја презеде никој, а сириските и иранските извори го обвинуваат Израел кој и претходно ги напаѓаше сириските бази во кои се сместени иранските борци.