Lale Bildirici
12 Мај 2018•Ажурирај: 13 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Р. Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој престојува во посета на Турција, денес учествуваше на Глобалниот форум за лидерство во Истанбул, организиран од страна на универзитетот Бахчешехир во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Иванов истакна дека му претставува чест што се обраќа на овој форум, и рече дека Турција секогаш принципиелно го користи уставното име на Р. Македонија, за што изрази особена благодарност.
Тој, покрај останатото, се осврна на стравот што се јавува како реултат на незнаењето за новиот свет што се раѓа.
„Можеби стравот од новиот свет на дигитална трансформација е поради отсуството на сигурноста што нашата аналогна генерација ја имаше во стариот свет. Оптоварени од исчезнувањето на стариот свет, ние не го согледуваме потенцијалот на новиот свет што се раѓа. А тоа е свет во кој младите веќе функционираат според „sharing philosophy“ и практикуваат „sharing economy“, истакна Иванов.
Младите, рече Иванов, ја чувствуваат моќта на отворениот киберпростор, а тој отворен киберпростор се состои од виртуелна библиотека.

Според Иванов, заедно со младите се раѓа нов свет во кој сензуалниот суперсистем му отстапува место на идеационалниот и идеалистичкиот суперсистем.
Иванов нагласи дека наместо само да констатираме проблеми, треба да нудиме креативни решенија.
„Наша одговорност е да ги подготвиме оние кои доаѓаат по нас да бидат морални и етички лидери. Да не се плашат од непознатото, туку храбро и мудро да се соочуваат со предизвиците, за конечно да запловиме во помирни води“, додаде тој.
Иванов нагласи дека верува оти сите ние заедно треба да инвестираме токму во такви лидери на иднината.
По своето обраќање на Иванов му беше доделена плакета од страна на Ќоксал Топтан, поранешен претседател на ТБММ, а воедно и претседател на Консултативниот одбор на Школата за влада и лидерство при универзитетот Бахчешехир.
На отварањето на форумот се одржаа презентирања на теми: „Улогата на САД во новиот светски поредок“, „Азија-Пацифик: Економија, енергетика и технологија“, „Променливи биланси и нови потраги во Латинска Америка“, и „Иднината на Блискиот Исток“.