Ivana Ramadanova
31 Декември 2017•Ажурирај: 01 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со свое традиционално, новогодишно обраќање им ја честиташе Новата 2018 година на сите граѓани упатувајќи им и од срце искрени желби за добро здравје, за повеќе радост, поголеми успеси и подобро утре, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иванов истакна дека изминатава година сите ние бевме соочени со многу предизвици и премрежија, додавајќи дека политичката атмосфера, за жал, непријатно се одрази на целото општество и на секој од нас посебно.
„Искрено се надевам дека во годината што доаѓа ќе се посветиме на убавите и позитивни нешта. Се надевам дека ќе смогнеме сила за да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите, да се сплотиме околу државните интереси и да зачекориме на вистинскиот пат. Пат што води до поквалитетен живот, просперитет, благосостојба за сите наши граѓани. Да живееме во праведно општество втемелено врз вистината, слободата и мирот“, истакна Иванов.
Тој посака новата година да ја започнеме со позитивни мисли, и силна верба и надеж дека можеме да ги исполниме нашите искрени желби.
„Во новата година посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели“, потенцираше Иванов.
Новогодишното обраќање Иванов го заврши со желби за поголемо почитување, да се шири поголема љубов за да се има мир со себеси и со другите.