Ivana Ramadanova
18 Април 2016•Ажурирај: 19 Април 2016
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија официјално потврди дека е испратена покана до лидерите на четирите најголеми политички партии во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, за организирање лидерска средба во петок во Виена заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на еврокомесарот Хан, Маја Коцијанчиќ, иако претходно само потврди дека „Хан е заинтересиран за итна средба“, денес најави нова лидерска средба в петок со посредство на Еворпската унија во главниот град на Австрија.
„Делегацијата на ЕУ во Скопје испрати писмо-покана во име на тројцата европратеници за средба на комесарот Хан со политичките лидери на земјата, што ќе се одржи во Виена во петок на 22-ри април. Целта на состанокот ќе биде да се разговара за начините за решавање на кризата и да се осигура дека лидерите ќе продолжат со спроведување на договорот од Пржино и со реформските приоритети”, истакна Коцијанчиќ.
Исто така, гласноговорничката на Европската унија потврди дека поради последното влошување на настаните во Република Македонија, „комесарот Хан е подготвен да се види со лидерите во краток рок“ и дека „тие мора да покажат подготвеност да ја донесат нивната земја назад на евроатлантскиот пат“.
Делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на состанокот на лидерите на четирите најголеми партии од Македонија за излез од кризата, што во петок во Виена го планира меѓународната заедница.
Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека ја добиле поканата што тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит, вклучени во постигнувањето и спроведувањето на договорот од Пржино, ја упатиле до лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.
На средбата во Виена е предвидено да присуствуваат и комесарот на ЕУ за преговори за проширување Јоханес Хан и амбасадорите на ЕУ и САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.