Ivana Ramadanova
21 Февруари 2016•Ажурирано: 22 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Нема услови за организирање на кредибилни избори за предвидениот датум 24 април, е заклучокот кој го соопшти Амбасадорот на САД Џес Бејли во име на меѓународната заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Бејли, датумот за одржување на изборите ќе треба да го одредат лидерите на политичките партии и Собранието, додавајќи дека се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап. Воедно Бејли изјави дека се загрижени од извештаите за притисоци и закани врз гласачите и други лица.
„Силно ги охрабруваме сите политички лидери, и власта и опозицијата, и институциите да останат целосно посветени на имплементацијата на договорот од јуни/јули како и на чекорите превземени досега. Партиските лидери го предложија 5 јуни како можна алтернатива. Сериозни напори од сите функционери сега се бараат и се потребни за да се постигнат условите кои ќе овозможат кредибилни избори, каде сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат", потенцираше Бејли.
Од Меѓународната заедница порачаа дека и понатаму одблиску ќе го набљудуваат прогресот и исполнувањето на обврските, порачувајќи им на политичките лидери дека имаат обврска да ги превземат сите неопходни чекори што ќе ја вратат земјава на евроинтегративниот пат, со тоа што целосно ќе го исполнат договорот од Пржино и ќе ги спроведат итните реформски приоритети во интерес на сите граѓани.
Извештајот, амбасадорите на САД и на ЕУ, вечерва му го предадоа на премиерот Емил Димитриев.
"Во оваа фаза нема услови да се организираат избори на 24 април", изјави американскиот амбасадор Џес Бејли пред Владата на Република Македонија.