Yasemin Kalyoncuoğlu
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара порача дека неговата земја одговорила на обврските кон Европската Унија (ЕУ), но Унијата не ги исполнила ветувањата дадени кон Турција. Тој истакна дека Турција не може да ги трпи обвинувањата од Унијата, која самата не ги исполнува дадените ветувања, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција без сомневање не се откажа од својата стратешка цел – членство во Европската Унија, што е и официјална политика на државата. Тоа да го ставиме настрана. И како земја-кандидат за членство, но и по отворањето на преговорите, ги исполнивме нашите обврски, а и продолжуваме да го правиме тоа. Ние сме одговорни за нашите обврски“, рече претседателот Ердоган на проширениот состанок на регионалните челници на владејачката турска Партија за правда и развој (АК партија).
Ердоган, исто така, порача дека Турција не правела проблем поради доцнењата од ЕУ, и оти со верба дека реформите ќе ги издигнат демократските и економските стандарди на граѓаните, продолжува да напредува.
Тој истакна дека Турција го исполнила својот дел од задачата, и оти на потег е Европската Унија да се одлучи дали сака да го продолжи процесот за зачленување на Турција. Турскиот претседател додаде додаде дека нема да дозволи тоа прашање да биде предмет на предизборни расправии во Германија и во Австрија.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара ја повика Северна Кореја да ги намали тензиите во регионот, бидејќи во спротивно, би можело да му биде нанесена штета на целото човештво.
„Во таков судир штета нема да им биде нанесена само на спротивставените страни, туку на целото човештво. Ја повикуваме Северна Кореја да престане со активностите што ја зголемуваат напнатоста“, рече Ердоган.
Укажувајќи на фактот дека во Организацијата за забрана на оружјето за масовно уништување најгласни се оние земји што поседуваат најразорен арсенал од тоа оружје, Ердоган рече дека во борбата против нуклеарното оружје мора да се започне од земјите што го поседуваат.
Тој се осврна и на актуелните прогони на муслиманското малцинство во мјанмарскиот регион Аракан, и рече дека проблемот на тој народ (Рохинџа) поради различни пресметки постои веќе низа години.
„Се разбира дека сме свесни оти проблемите во Аракан настанаа поради различни интереси и дека тоа тре веќе подолго, со повремени интензивирања според пресметките на различните кругови“, рече Ердоган, кој во изминатите недели разговараше со голем број светски официјални претставници со цел да помогне во решавањето на кризата во Аракан.
Повеќе од 120.000 мјанмарски муслимани во изминатите 10 дена пребегаа во соседен Бангладеш, пред нападите на мјанмарската војска.
Сопругата на Ердоган, Емине Ердоган, и шефот на турската дипломатија утре ќе ги посетат мјанмарските бегалци во Бангладеш, ќе им доделат помош и ќе разговараат со официјалните претставници на Бангладеш на кои Турција претходно им понуди да ќе ги сноси сите трошоци за згрижување на загрозените бегалци.
Турскиот претседател Ердоган денес ја предупреди јавноста оти сите фотографии и снимки што се шират на интернет не настанале во Мјанмар и немаат никаква врска со вистината за голготата што ја преживуваат муслиманите во Аракан.