Selma Kasap
15 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека воената офанзива врз терористите во сирискиот Африн може да започне во секој момент, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со божја помош, Турските вооружени сили за кратко време ќе го решат прашањето во врска со Африн и Мунбич. Подготовките се завршени, офанзивата би можела да започне во секој момент. После тоа на ред ќе дојдат други регии“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека Соединетите Американски Држави го признале формирањето на терористичка војска долж границата со Турција.
„САД признаа дека формираат терористичка војска долж границите на нашата земја. Нашата обврска е да ја задушиме оваа терористичка војска пред да се роди“, истакна Ердоган.
Тој изјави дека Турција на сите свои сојузници им порача да не стојат покрај терористите.
„Она што го имаме кажано и го кажуваме на сите наши пријатели и сојузници: не стојте меѓу нас и терористите, не влегувајте меѓу нас и стадата убијци. Инаку, ние нема да бидеме одговорни за несаканите нешта што можат да се случуваат. Вие самите симнете ги вашите знамиња од базите на терористичките организации, за ние да не бидеме принудени да ви ги доставиме тие знамиња. Отстранете ги вашите знамиња од униформите на терористите, за ние да не бидеме принудени да ги погребаме и тие кои се заедно со терористите“.
Портпаролот на коалицијата за борба против ДЕАШ под водство на САД, полковникот Рајан Дилон, претходно соопшти дека ќе ги формираат силите за гранична безбедност кои ќе се состојат претежно од Сириските демократски сили (СДС), параван на ПЈД/ПКК, во кои ќе бидат вклучени 30 000 лица. „Коалицијата работи во партнерство со СДС за формирање на новите Сили за гранична безбедност на Сирија“, нагласи Дилон во изјава за АА.
Американскиот претставник додаде дека околку 230 лица учествуваат во обуката на Силите за гранична безбедност и дека крајната цел е војската да собере 30 000 припадници.
Турција го осуди овој потег истакнувајќи дека е погрешно и спорно да се соработува со терористичката организација ПКК/ПЈД во борбата против ДЕАШ.
ПЈД/ЈПГ е сириски огранок на ПКК, која е на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ).