Etem Geylan,Emin İleri
15 Април 2018•Ажурирај: 16 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека и во случајот со вчерашниот напад на САД, Франција и Велика Британија врз постројките со хемиско оружје во Сирија уште еднаш се покажа дека проблемот во Сирија не може да се реши со такви моментални мерки, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на регионалниот Конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti) во подрачјето на Ускудар, Истанбул, Ердоган истакна дека во Сирија веќе не можат да се прават никакви чекори во кои не е присутна и Турција.
Потсетувајќи дека вчера за ситуацијата во Сирија разговарал со лидерите на Русија, Франција и на Велика Британија, Ердоган рече дека неговата намера била да разговара за конкретни мерки со кои би се ставило крај на кризата во Сирија.
„Знаеме дека Асад е злосторник, без оглед кој и што вели за него. Зар услов за интервенција беше употребата на хемиско оружје, дали тоа значи дека ќе ги оставите настрана злосторствата извршени со конвенционално оружје? Во Сирија се убиени стотици илјади луѓе. Дајте првин да утврдиме кој ги убил. Во Сирија само Турција му нуди на тој народ подобра и посигурна иднина“, порача Ердоган.
Ердоган, исто така, потсети дека Турција е таа која згрижи 3,5 милиони сириски бегалци, и дека западните земји се глуви на неговите повици заеднички да обезбедат тие луѓе да живеат во подобри услови.
„Никој од нив не пружа рака за помош, а толку многу бомби што со парите за нив би можеле да ГИ изградиме градовите во Сирија, да воспоставиме безбедна зона која ја заговараме уште од почетокот на војната во таа земја“, рече Ердоган.
Нагласувајќи дека ситуацијата во врска со Сирија стана сложена што не е познато кој на чија страна е, Ердоган рече дека само Турција од почетокот имала и ги задржала јасните ставови и приоритети во контекст на решавањеТО на кризата во таа земја.
„Рековме, а и денес велиме дека сме против сите терористички организации во Сирија. Рековме да престане убивањето на жени, деца и невини цивили во Сирија. За решавање на политичката криза, рековме дека мора да се седне и да се разговара со сириската опозиција што го претставува народот на таа земја. Рековме да се воспостават безбедни зони и дека милиони сириски бегалци ќе се згрижат во нивната татковина“, рече Ердоган и повтори дека градовите во Сирија може да се изградат со парите што се трошат на бомби, ракети, оружје и муниција што се користат за нападите на сирискиот народ.
Нагласувајќи дека тоа им го предложувал на лидерите на Саудиска Арабија, САД, Германија и други земји, Ердоган рече дека тие лидери и понатму средствата не ги насочуваат во изградба, туку во рушење на Сирија.
Укажувајќи на враќањето на 160.000 сириски бегалци во регионот ослободен во операцијата „Штитот на Еуфрат“ која турските сили ја изведоа минатата година, Ердоган рече дека и во ослободениот Африн ќе се вратат најмалку 200.000 бегалци.
„Оние кои сега ја повикуваат Турција да ја напушти Сирија се вознемирени бидејќи знаат дека онаму каде што е Турција не може да има тероризам, туку само мир и просперитет. Кога нема тероризам, не можат да им се совпаднат сметките. Оние што преку Сирија ги сведуваат сметките всушност ги сведуваат сметките за нафта, а Турција ќе ја расипе и таа игра. Заедно со сирискиот народ, ќе ја обновиме таа земја“, порача Ердоган.