Ilkay Guder
15 Март 2016•Ажурирај: 16 Март 2016
АНКАРА (АА) - Нападот во неделата во Анкара е напад на цела Турција и на сите 79 милиони жители на оваа земја, изјави претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара, по состанокот со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, јавува Anadolu Agency (AA).
Алиев во Анкара е дочекан со највисоки почести по што се состана со претседателот Ердоган. По билатералниот состанок, двајцата лидери присуствуваа на петтиот состанок на Советот за стратешка соработка на високо ниво, помеѓу Турција и Азербејџан.
Ердоган на заедничката прес-конференција се осврна и на последниот терористички напад во Анкара, во кој загинаа 37 лица.
„Нападот којшто се случи во неделата е напад на цела Турција, напад на сите 79 милиони жители на оваа земја. Терористичката организација со овој напад уште еднаш го покажа своето злосторничко и подло лице. Целта на нападот е внесување страв меѓу нашиот народ и одвраќање на Турција од нејзината цел и нејзиниот вистински пат. Но во тоа нема никогаш да успеат, бидејќи тоа е невозможно. Оние кои го користат тероризмот како свое средство и кои сакаат да имаат корист преку крвта на невините луѓе, никогаш нема да успеат да ја натераат Турција да клекне на колена. Напротив, тие ќе бидат оние кои ќе клечат”, порача Ердоган
Додаде дека Азербејџан, со својата поддршка, по терористичкиот напад во Анкара, покажал дека е пријател и во тешки времиња.
Ердоган рече дека оние кои му пружаат поддршка на тероризмот и тоа што се параван за тероризмот го нарекуваат слобода, оние кои се обидуваат да извлечат политичка корист додека жртвите сè уште не се погребани, треба да извлечат поука од братството (со Азербејџан).
Ердоган му се заблагодари на претседателот Алиев, како и на сите жители на Азербејџан за сета поддршка која ѝ ja пружија на Турција во овие тешки мигови.
Во рамките на посетата на Алиев на Анкара, потпишани се и низа протоколи за соработка помеѓу двете земји, а меѓу останатото, потпишан е и договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи.