Hanife Sevinç,İsmail Özdemir
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
ИСТАНБУЛ (АА) – Денеска во истанбулскиот кварт Везнеџилер, во утринските часови, се случи терористички бомбашки напад врз полициско возило, во којшто животот го загубија седум полицајци и четири цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека овие терористички напади се насочени кон луѓето кои ја обезбедуваат сигурноста на Турција.
„Тука нема ништо што може да се прости. Ние, неуморно и бестрашно, до крај ќе се бориме против терористите.“
Претседателот Ердоган ја посети болницата Хасеки во Истанбул, во која се хоспитализирани повредените од терористичкиот напад кој утрово се случи во квартот Везнеџилер во Истанбул. По посетата на повредените, претседателот пред болницата одговараше на прашањата на новинарите.
Ердоган на турската нација ѝ изрази сочуство за загинатите припадници на полицијата и цивилите во терористичкиот напад. Тој соопшти дека од хоспитализираните во болницата Хасеки, двајца се потешко повредени и се наоѓаат на одделот за интензивна нега, додека останатите повредени се добро и се под контрола на медицинскиот персонал на болницата.
Претседателот на повредените посакувајќи им што поскоро опоравување, изјави:
„Од експлозијата има поголем број повредени, но уверен сум дека медицинскиот персонал во најкраток временски рок ќе овозможи нивно опоравување”.
„Она што сакам да го истакнам е дека терористичките организации во нивните напади не прават разлика меѓу цивилите и полицијата, ниту меѓу цивилите и војската и дека секогаш умираат пред сè луѓе”, додаде претседателот Ердоган.
Тој посочи на фактот дека цел на нападите на терористите се полицијата и војската, сили кои се задолжени за безбедноста на животите и имотот во земјата, а со тоа и на целата нација.
„Затоа овој вид на терористички акции нема да бидат простени, ниту толерирани. Ние, неуморно и бестрашно, до крај ќе се бориме против терористите”, порача Ердоган.
„Ќе имаме свои жртви, во моментов Турција крвари, но сè има своја цена. Борбата за живот која започна уште со првиот човек, ќе продолжи до Судниот ден. Затоа сите сили за безбедност на Турција ќе продолжат да се борат против тероризмот во државата".
На прашањето дали е познато кој стои зад терористичкиот акт, претседателот Ердоган соопшти дека истрагата е во тек.
Утрово, околу 8.40 часот по локално време, беше извршен напад врз полициско возило во квартот Везнеџилер, во Истанбул. Во експлозијата загинаа седум полицајци, четири цивили а беа поврдени 36 лица.