Hüseyin Erdoğan
04 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин на Самитот Г20 во Хамбург, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули, ќе дискутираат за првата нуклеарна централа во Турција, „Акују“, како и за проектот за природен гас „Турски тек“, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јури Ушаков, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган и Путин ќе разговараат за последните случувања во врска со двата проектa, изјави Ушаков, додавајќи дека и двата проектa неодамна постигнале значаен напредок.
На 19 јуни, руската државна нуклеарна компанија „Росатом“ потпиша договор со „Џенгиз-Колин-Калјон (Cengiz-Kolin-Kalyon), турски конзорциум на договорни конгломерати, за да продаде 49 отсто од акциите во турската нуклеарна централа „Акују“.
Нуклеарната централа ќе има капацитет од 4.800 мегавати, во четири единици, и работен век од 8.000 часа годишно. Во својата прва фаза се планира две единици со капацитет од 2.400 мегавати да бидат завршени до 2023 година.
Се проценува дека централата ќе покрива околу 6-7 отсто од побарувачката на електрична енергија во Турција.
На 23 јуни Ердоган оствари телефонски разговор со Путин, кој го разгледуваше бродот „Пионерски дух“ – најголемото градежно пловило во светот што некогаш е изградено, за да ја изврши изградбата на крајбрежниот дел од гасоводот „Турски тек“. Бродот во времето на посетата на Путин беше лоциран во рускиот град Анапа, на северниот брег на Црното Море, каде што ќе биде поставена првата цевка за проектот „Турски тек“.