İlkay Güder
05 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ВАТИКАН (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и духовниот лидер на Римокатоличката црква, папата Франциско, на денешниот билатерален состанок во Ватикан нагласија дека тероризмот не може да се доведува во врска со религиите и дека е неопходна заедничка борба против ксенофобијата и исламофобијата, јавува Anadolu Agency (AA).

Ердоган во рамките на официјалната посета на Ватикан, денеска се состана со папата Франциско, а неименуван извор на АА од канцеларијата на претседателот Ердоган соопшти дека состанокот бил во согласност со традицијата на Ватикан и минал во пријателска атмосфера.

Истиот извор информираше дека претседателот Ердоган и папата разговарале за низа важни прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата со Ерусалим, Сирија, но и случувањата на целиот Блиски Исток, борбата против тероризмот, бегалската криза и меѓурелигиските односи во општеството.
Ердоган и папата Франциско ја нагласиле важноста на сочувувањето на статусот на Ерусалим (Кудс) во согласност со резолуцијата на Обединетите нации и почитувањето на меѓународното право.
Тие се согласија и за потребата од укажување на грешката направена од страна на американската администрација во врска со одлуката за Ерусалим (Кудс) и нивното инсистирање за нејзино спроведување.

Турскиот претседател Ердоган му се заблагодари на папата Франциско на пораката за поддршка на Ерусалим. Од друга страна, папата му се заблагодари на Ердоган за поддршката што Турција им ја дава на Ерусалим и на бегалците.
Средбата беше можност претседателот Ердоган да размени информации со папата Франциско за борбата што Турција активно ја води против тероризмот во регионот.
Заедничката борба против ксенофобијата и исламофобијата е уште една тема за која претседателот Ердоган и папата Франциско изразија потполна согласност, а повикаа и на воздржување од провокативни коментари и реторики кои можат да ги поистоветат тероризмот и исламот.

Претседателот Ердоган и папата Франциско ја нагласија и важноста за изградба и заштита на мирот и стабилноста во регионот.
Претседателот Ердоган укажа на фактот дека Турција заговара рамноправност на сите граѓани, без разлика на нивната верска припадност, потстувајќи дека Турција во тој контекст, во изминатиот период реставрирала 14 цркви и една синагога.
Истакнувајќи ја важноста на заедничките напори на меѓународната заедница во изградбата на мирот и стабилноста во светот, претседателот Ердоган и папата Франциско се согласиле да ги продолжат директните контакти и соработка и во иднина.
По средбата со папата Франциско, турскиот претседател се сретна и со држаниот секретар на Светата столица, кардиналот Пиетро Паролин. Освен тоа, турскиот претседател во Рим има средба и со претседателот на Италија, Серџо Матарела, и со италијанскиот премер, Паоло Џентилони.
Ердоган е првиот претседател на Турција кој по цели 59 години го посетил Ватикан. Поради неговата посета, во Рим се преземени високи мерки на безбедност.