Mehmet Tosun
23 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Анкара изјави оти се надева дека Самитот за Сирија, Турција - Русија - Германија - Франција, кој ќе биде одржан на 27 октомври во Истанбул, ќе донесе мир и благосостојба на подрачјето на Сирија, првенствено во градот Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во денешното обраќање во Клубот на пратеници на владејачката Партија за правда и развој во Големото народно собрание на Република Турција, се осврна и на Самитот за Сирија, на кој е домаќин, а на кој ќе учествуваат претседателот на Русија, Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Наша желба е со овој Самит да се направи сериозен чекор за на подрачјето на Сирија да бидат воспоставени мир и благосостојба, првенствено во градот Идлиб“, изјави Ердоган.
Ердоган се осврна и на утринските изјави на лидерот на коалицискиот партнер на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, кој изјави дека неговата партија не планира да продолжи со Народната алијанса (АК Партија и МХП), односно дека Народната алијанса постои, но дека во тие рамки не сака да излезе на наредните локални избори.
„Нема да дозволиме нашите различни ставови да фрлат дамка на Народната алијанса“, изјави Ердоган, и додаде:
„Ние ја сметаме Народната алијанса за еден од најголемите успеси на нашата земја во текот на изминатите неколку години и сакаме таа да продолжи и во иднина. Не направивиме, ниту ќе направиме нешто што би можело да го наруши овој сојуз. Одлучни сме Народната алијанса, која ни е дадена во аманет од нашиот народ, да ја држиме надвор од дневнополитичките дискусии“, порача Ердоган.
Во врска со пораката на Бахчели дека МХП не сака во сојуз со АК Партијата да излезе на локални избори, Ердоган изјави: „Ако на локалните избори кажат ’ние ќе одиме по својот пат‘, нам не ни преостанува ништо друго, туку да кажеме ’секој по свој пат‘“, порача Ердоган.
Портпаролот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, претходно изјави дека е планирано на Самитот да се разговара за усогласување на заедничките напори за решавање на состојбата на терен, Договорот за Идлиб и политичкиот процес, како и за сите аспекти на сирискиот судир и на пронаоѓање трајно решение за судирите.