Ekipa
02 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека младите кои не ја знаат својата историја и културното богатство не може да бидат гарант за светла иднина на нацијата и на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во медресата „Акиф Инан“ во истанбулскaта населба Башакшехир, денеска се одржа церемонија по повод завршувањето на проектот за изградба на 80 училишта и 59 училишни сали во Истанбул, а на собирот се обрати турскиот претседател Ердоган, кој ја истакна важноста на квалитетот на образованието за иднината на нацијата и државата.
Укажувајќи на остварениот годишен економски раст од 7,4 отсто и годишниот извоз од рекордни 160 милијарди долари, Ердоган рече дека Турција решително прави чекори и во согласност со сопствената визија станува сè повлијателен регионален и глобален фактор.
„Нашето образование и воспитување игра важна улога на овој пат. Се разбира дека е голем успех тоа што сме го постигнале и дека не е за потценување позицијата во која се наоѓаме. Сепак, сметам дека сè уште не го постигнавме посакуваното ниво на развој во областа на образованието и културата“, рече Ердоган.
Тој најави дека револуцијата на турскиот образовен и воспитен систем во наредниот период ќе ја зафати сржта и суштината на овој сектор, во кој досега има направено многу за подобрување на инфраструктурното унапредување.
„Нашата младина не можеме да ја сметаме како гарант за иднината, ако не ја познава сопствената историја, сопственото културно богатство и ако не е воспитана во духот на нашата цивилизација“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се и на големите предизвици со кои се соочува Турција, Ердоган истакна дека Турција одлучно се бори против сите внатрешни и надворешни непријатели, во прв ред терористите и сите терористички организации во регионот.
Ердоган соопшти дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во северозападна Сирија досега се неутрализирани 3.872 терористи.
Потсетувајќи дека вчера ја посетил воената база на турско-сириската граница во Хатај, Ердоган рече дека моралот, подготвеноста и одлучноста на армијата се на највисоко ниво и дека се подготвуваат нови цели.
Осврнувајќи се и на активната борба против трговијата со дрога во училишните дворови, Ердоган нагласи дека турските надлежни институции ги преземаат сите соодветни мерки за спречување на ваквите појави.
„Со новиот закон кој го подготвуваме ќе воведеме казни за дилерите кои ќе бидат повисоки од оние изречени за убиство на човек. Предлог-законот ќе влезе во парламентот денес или утре“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека писателот Џенгиз Ајтманов во неговите романи често се користи терминот „mankurt“ (роб кој не размислува), со кој ги опишуваше испиените мозоци, кои како такви, се вртат против своите семејства, народ и држава.
„Сите терористи се робови на кои им е испран мозокот. Такви се сите оние што работат против својот народ и својата земја. Такви се сите оние кои низ светот зборуваат и работат против својата држава“, рече Ердоган.