Burcu Çalık
05 Јануари 2018•Ажурирај: 07 Јануари 2018
ПАРИЗ (AA) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во официјална посета на Франција, по состанокот со францускиот претседател Емануел макрон во Париз, се осврна на процесот на членството на неговата земја во Европската унија (ЕУ) порачувајќи дека Турција нема намера да моли „дали конечно ќе нe примите", јавува Anadolu Agency (AA).
„Како што и нас самите тоа (процесот на приклучување кон ЕУ) во сериозна мерка не оптеретува, исто така го оптеретува и нашиот народ. Тоа може да не однесе до одредена одлука, но ние немаме намера постојано да зборуваме 'дали конечно ќе не примите' ", порача Ердоган на заедничката конференција за новинарите.
Во Париз денеска е потпишан и Договор за воздушен одбрамбен систем помеѓу турската компанија и француско-италијанскиот конзорциум Еуросам.
Осврнувајќи се на спомнатиот договор Ердоган истакна дека тоа претставува многу важен чекор.
„Со ова постигнавме трилатерален договор кој ја вклучува и Италија, исто така членка на НАТО. По овој момент, потребно е брзо да се делува и да се премине на процесот на произведување", рече Ердоган.
Говорејќи за борбата против тероризмот, Ердоган истакна дека и понатаму е потребно да се внимава, во рамките на борбата против ДЕАШ.
„Додека денеска водиме борба против ДЕАШ, на нашите пријатели им порачувам дека ПЈД/ЈПГ е продолжена рака на ПКК. И против нив на ист начин треба заеднички да се бориме. За жал, некои наши пријатели, како што гледате, сеуште се со ЈПГ и ПЈД, мислејќи дека така се борат против ДЕАШ. Против ДЕАШ се подготвуваат нови планови. Во таа смисла, мислам дека треба да бидеме внимателни и солидарноста меѓу нашите разузнавачки служби како и размената на информации да ја подигнеме на повисоко ниво", рече Ердоган.
Турскиот претседател ја предупреди Франција, кога станува збор за припадниците на терористичките организации ФЕТО и ПКК, кои, според неговите зборови, во ваа земја се институционализираат.
„Внимателноста е многу битна кога станува збор за припадниците на ФЕТО во Франција. Тука преку своите организации, фондации и приватни бизниси се институционализираат. ПКК исто така се институционализира. Во таа смисла, доколку тука нема внимателност, мислам дека утре проблемот би можел да биде многу поголем", порача Ердоган.
- Ердоган: Целта на Турција не е Асад да остане на власт
За време на состанокот во Париз се разговараше и за случувањата во Сирија, а Ердоган во осврт на таа тема изјави дека целта на Турција во Сирија не е решение според кое Башар ал-Асад би останал на власт.
„Наша цел не е решение според кое Асад би останал на власт. Наша цел е одржување на избори без Асад, а на кои би одлучувала демократската волја на сирискиот народ", рече Ердоган.
На прашањето на францускиот новинар: „Дали се каете поради тоа што толку оружје им испративте на лицата кои војуваат во Сирија?", Ердоган одговори: „Кој испрати оружје во Сирија?"
„Вие зборувате со устите на ФЕТО. Бидејќи оние кои стојат зад таа операција се луѓе на ФЕТО, кои моментално се во затвор", одговори Ердоган.
Турскиот претседател укажа на тоа дека на него му се поставува прашање за испраќање на оружје во Сирија, дека не се поставува прашање за 4.000 шлепери наоружување кое Соединетите Американски Држави (САД) им го испорачале на групите во Сирија.
- Макрон: Да се престане со дволична пракса во односите помеѓу ЕУ и Турција
Францускиот претседател Макрон укажа на многу добра соработка помеѓу Турција и Франција во полето на борбата против тероризмот и порача дека таа соработка може да биде пример.
Макрон се осврна и на процесот на полноправно членство на Турција во ЕУ и рече дека „треба да се престане со дволична пракса во односите помеѓу Европската унија (ЕУ) и Турција".
Според неговите зборови „Франција сака Европа да биде иднина за Турција и турскиот народ".