Bahattin Gönültaş
23 Ноември 2016•Ажурирај: 24 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека утрешното гласање во Европскиот парламент за прекин на преговорите за пристапување на Турција во Европската Унија нема вредност за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган одржа говор на 32. Министерска конференција на Постојаниот комитет за економска и трговска соработка (ISEDAK) на Организацијата на исламската конференција (IOC), која се одржува во Истанбул.
„Утре ќе се одржи состанок во Европскиот парламент, на кој ќе се гласа во врска со преговорите за пристап на Турција кон ЕУ... Каков и да биде резултатот, овa гласaње нема вредност за нас“, рече Ердоган.
„Ниедна вага не може да ја измери волјата на народот кој ги жртвуваше своите животи за независноста и демократијата за време на обидот за државен удар што се случи на 15 јули“, нагласи тој, зборувајќи за обидот за државен удар во кој загинаа 248 лица, а 2.200 беа повредени.
Турскиот лидер изјави дека стабилноста на Турција и идните битки нема да бидат спречени од гласањето со „да“ или „не“ на Европскиот парламент.
„Оваа нација ноќта на 15 јули му покажа на целиот свет дека може да го жртвува својот живот за слободата и достоинството, доколку тоа е потребно“, изјави тој.
Ердоган нагласи, и покрај тоа што гласањето на Европскиот парламент нема да биде обврзувачко за Турција, тој нема да ја прифати пораката која очигледно ќе биде испратена од ЕУ.
Претседателот Ердоган изјави дека и покрај тоа што вредностите на ЕУ ги почитуваат повеќе отколку многу други земји во блокот, Турција не видела вистинска поддршка од Западните земји.
Тој исто така ја обвини ЕУ дека се зазема на страната на терористичките организации со ова гласање.
Во своето излагање турскиот претседател истакна дека Министерската конференциија во Истанбул претставува важен од аспект на распределбата на големата одговорност и давање надеж на милиони загрозени лица во целиот свет, без оглед на верската, етничката или некоја друга припадност.
„Тука сме за да покажеме дека со заедничка работа можеме да ги оствариме успесите во овие времиња кога срцата се затворени, а очите заслепени во трката за пари и профит“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека претставниците на исламскиот свет кои денес се собрале во Истанбул, на јавноста треба да ѝ покажат дека е можно да се изгради поправеден, мирен и спокоен свет, но дека официјалните претставници за тоа мора да разменуваат мислења и отворено да разговараат за проблемите.
- Земјите што не се способни да ги згрижат децата бегалци сакаат да држат лекции за демократијата на Турција
„Светот, а особено регионот во кој живееме, со години се задушува во разни политички, социјални, економски и други кризи. Живееме во време на големи тектонски активности на глобалниот поредок, кои доведа до потреси што потиснаа многу земји како Сирија, Ирак, Либија и Јемен. Сите ние на некој начин сме погодени со тие случувања. Односно, темите и кризите што денес се наоѓаат на дневен ред на глобалната политика речиси во потполност се на рамената на земјите на исламскиот свет“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека товарот на глобалните кризи е на рамената на муслиманскиот свет и укажа на страдањето на палестинските деца, араканските муслимани, цивилите во Ирак и во другите земји.
„Само во изминатата година, Средоземното Море беше гробница во која се закопани 5.000 лица што настрадаа бегајќи од судирите, гладот, сиромаштијата и темнината. Бегајќи од војните во Сирија и во Ирак, на патот кон Европа исчезнаа 10.000 деца и не се знае каде се и во каква состојба се. Земјите на Европа кои постојано се обидуваат да ни држат лекција за демократијата и слободата, не се способни да ги згрижат тие деца кои им доаѓаат на вратата. Не им ги отвораат своите граници, туку поставуваат високи огради од бодликави жици“, изјави Ердоган.
Тој рече дека има надеж за подобро утре и дека сите мораат да бидат свесни дека големите предизвици и искушенија секогаш доведуваат до големи награди, бидејќи: „Господарот никогаш не ги напушта луѓето што веруваат и се борат на правиот пат“.