Alma Çekovic
20 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
БРИСЕЛ (АА) - Советот за општи работи на Европската Унија го прифати барањето на Босна и Херцеговина за членство во ЕУ и побара од Европската комисија да подготви прашалник за БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната седница на Советот за општи работи на Европската Унија, со кој претседаваше делегираниот министер на Владата на Република Словачка, Иван Корчок, прифатено е барањето на БиХ за членство во Европската Унија и даден е налог на Европската комисија да изготви прашалник за БиХ.
Откако барањето за членство во Европската Унија е предадено во февруари оваа година и откако се исполнети сите услови од европската агенда коишто се неопходни за разгледување на апликацијата, Советот на Европската Унија денес и формално побара од Европската комисија да поднесе свое мислење во однос на барањето на БиХ за членство во Европската Унија.
Тоа значи дека Босна и Херцеговина во наредниот период ќе добие сет од неколку илјади прашања што треба да бидат одговорени.
Заклучокот на Советот за општи работи на Европската Унија, во целост:
1. На ден 15.02.2016 година, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, ја предаде апликацијата на БиХ за членство во ЕУ. Советот одлучи да ја спроведе постапката утврдена во членот 49 од Договорот за Европската Унија. Соодветно на тоа, Комисијата е повикана да даде свое мислење.
2. Повикувајќи се на обновениот консензус за проширување, изразен во заклучоците на Европскиот совет од 14/15.12.2006 година, Советот уште еднаш потврдува дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Советот потсетува дека напредокот на секоја земја кон Европската Унија зависи од нејзините индивидуални напори за испочитување на критериумите од Копенхаген и од условеноста од Процесот за стабилизација и асоцијација.
3. Повторувајќи ги претходните заклучоци на Советот, особено оние од 15.12.2015 година, како и својата недвосмислена посветеност на перспективата на Босна и Херцеговина во ЕУ како единствена, обединета и суверена држава, Советот го поздравува значителниот напредок во имплементацијата на реформската агенда, за која се усогласија властите во БиХ, на сите нивоа. Советот ја повикува Босна и Херцеговина да продолжи со своите напори за обезбедување ефективна имплементација на агендата за реформи, во согласност со распоредот на акциониот план, усогласен од властите во Босна и Херцеговина во корист на нејзините граѓани и во тесна соработка со Европската Унија, меѓународните финансиски институции и меѓународните партнери, како и со граѓанското општество. Освен социо-економските реформи, овие напори треба и понатаму да бидат насочени и кон реформите во областа на владеењето на правото и јавната администрација. Советот ја повикува Комисијата понатаму да известува за спроведувањето на реформската агенда, вклучувајќи го и механизмот за координација. При подготовката на мислењата за апликацијата на БиХ за членство, Советот од Комисијата бара особено внимание да посвети во спроведувањето на пресудата „Сејдиќ-Финци“.
4. Советот го поздравува потпишувањето на Протоколот за адаптација на Договорот за стабилизација и асоцијација, што го зема предвид пристапувањето на Хрватска во Европската Унија. Целосната имплементација на Договорот за стабилизација и асоцијација, вклучувајќи ја и неговата адаптација, е важен елемент на посветеноста на БиХ во процесот на европска интеграција.
5. Советот понатаму го поздравува договорот за воспоставување механизам за координација за прашањата на ЕУ. Советот ги повикува сите нивоа на власта во БиХ да обезбедат негово ефикасно спроведување, како важен чекор кон подобрувањето на функционалноста и ефикасноста.