Ekipa
02 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
БУКУРЕШТ (АА) - Десетици илјади демонстранти низ цела Романија протестираа против предлог-законот на владата за амнестија и измена на Кривичниот законик, кој предвидува помилување по итка постапка на илјадници осуденици, јавува Anadolu Agency (AA).
Собрани преку социјалните мрежи, десетици илјади Романци го повторија протестниот марш организиран минатиот викенд поради незадоволството од владиниот предлог кој беше доставен до парламентот на усвојување, со кој на слобода би биле пуштени сите затвореници на кои им останало помалку од пет години од затворска казна.
Одржани се демонстрации во главниот град Букурешт, но и во другите поголеми градови низ Романија како Темишвар, Клуж-Напока и Јаш. Слични собири организираше и романската дијаспора во Брисел, Копенхаген, Париз, Хамбург, Лондон и Цирих.
Скоро 20.000 демонстранти се собраа на централниот Универзитетски плоштад во Букурешт кои со протестен марш дојдоа пред зградата на парламентот и пред зградата на Министерството за правда.
„Државата не сака амнестија, не го легализирајте криминалот и кражбите“, е слоганот кој го извикуваа демонстрантите за време на протестната прошетка.
Од друга страна, премиерот на Романија, Сорин Гриндану, изјави дека е природно правото на луѓето во Романија да протестираат сè додека не ги загрозуваат правата и слободите на другите луѓе.
Демонстрантите сметаат дека ослободувањето на осудениците ќе ја загрози борбата против криминалот и корупцијата во Романија.
„Го почитувам тој став на граѓаните. Верувам во слободата на говорот. Меѓутоа, мора да се почитува и правото на слобода, и не смее да се кажуваат пцовки и да се сквернави таа слобода. Ги слушав навредите, но за мене најлошото изненадување беше кога претседателот Клаус Јоханис минатата недела им се приклучи на демонстрантите“, рече премиерот Гриндану.
Претседателот на Романија Јоханис преку социјалните мрежи претходно порача дека ги поддржал демонстрантите бидејќи група политичари со проблематично минато сака да го измени Кривичниот закон, што за него и за народот на таа земја е неприфатливо.
Јоханис во вторникот најави дека поради масовноста на протестите ќе распише референдум за спорниот владин предлог.