Betül Yürük
25 Февруари 2018•Ажурирај: 25 Февруари 2018
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, во согласност со резолуцијата за Сирија донесена од страна на Советот за безбедност на ОН, повика на итно спроведување на одлуката за примирје во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата на портпаролот на генералниот секретар на ОН беше речено дека одлуката за хуманитарно примирје во траење од најмалку 30 дена била примена со воодушевување.
Гутереш истакна дека е неопходно итно спроведување на одлуката за примирје за да се евакуираат болните и повредените, но исто така и да се достави хуманитарна помош во Сирија.
Генералниот секретар ги повика сите страни да го почитуваат меѓународното право и да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура. Тој нагласи дека овие работи не треба да се игнорираат дури и во борбата против тероризмот.
Нацрт-резолуцијата за прекин на огнот беше предложена од Шведска и Кувајт, а беше едногласно усвоена од Советот за безбедност. Со оваа резолуција беше договорено 30-дневен прекин на огнот, во рамките на кој ќе биде обезбедена хуманитарна помош и медицинска евакуација.
Во резолуцијата од сите страни во Сирија беше побарано да се запрат конфликтите во период од најмалку 30 дена, со цел хуманитарната помош да биде доставена низ целата земја, а ранетите и болните во критична состојба да бидат евакуирани.
Исто така, беше побарано да се суспендира опсадата во Источна Гута, Јармик, Фуи и Кефраја, регионите под окупација на сирискиот режим, во кои владее алармантна хуманитарна криза.
Според резолуцијата, прекинот на огнот нема да важи за регионите каде што се води борба против ДЕАШ, Ал Каеда, Фронтот Ал Нусра и други терористички организации идентификувани од Советот за безбедност на ОН.