Erkan Avci
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
АНКАРА (АА) - Германскиот амбасадор во Анкара, Мартин Ердман, повикан е денес во Министерството за надворешни работи во врска со настаните кои резултираа со откажување на средбата на министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, со турските државјани во Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според дипломатски извори, Ердман во Министерството за надворешни работи e повикан по налог на турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу, во врска со настаните по кои следеше откажување на програмата во Германија, каде што Боздаг требаше да се сретна со турските државјани во таа земја.
Вториот советник Мехмет Кемал Бозај во зградата на Министерството на германскиот амбасадор му го пренесе незадоволството во врска со последните случувања.
Да потсетиме, средбите на турскиот министер за правда Боздаг и турскиот министер за економија Нихат Зејбекчи во Германија се откажани.
Бекир Боздаг денес изјави дека го откажал состанокот што требаше да го одржи со германскиот министер за правда откако беше оневозможено да се обрати на собирот во градот Гагенау.
Турскиот министер за правда ја откажа посетата на Германија во знак на протест
Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, денес ја откажа планираната посета на Германија, откако локалните власти ја повлекоа дозволата за состанокoт, каде што требаше да се обрати на турската заедница.
Боздаг упати остра критика до германските власти за откажување на состанокот во краток временски период, кој беше закажан за денес во јужниот германски град Гагенау.
„Неприфатливо е тоа што германските власти не дозволуваат собир на турската заедница, додека тие секогаш даваат лекции за човековите права, демократијата и владеењето на правото и слободата на изразување, и критикуваат за недостатоците во овие области", истакна тој пред новинарите во Стразбур, Франција.
Боздаг рече дека по денешниот инцидент тој одлучил да ја откаже планираната средба со својот германски колега Хеико Маас, кој побарал средба со него.