Tezcan Ekizler
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
ИЗМИР (АА) - Тезџан Екизлер -
Со совладување на таеквондото и положувајќи црн појас во тој боречки спорт, педесет и осумгодишниот Селим Ер од турскиот град Измир докажа дека за спорт и рекреација никогаш не е доцна.
Во разговор за АА Селим раскажа како се запознал со овој спорт.
Пред три години Селим ја изгубил сопругата и морал да биде поддршка на своите две ќерки. Бидејќи неговата млада ќерка покажувала интерес за кикбокс, Селим за неа побарал клуб. Кога видел дека Клубот за млади и спорт на општината Буџа во која и живее, покренал курс за таеквондо, Селим го посетил клубот.
Со намера да ја запише својата ќерка, на Селим толку му се допаднала презентацијата на боречкиот спорт и тој почнал редовно да доаѓа на тренинзи.
Бидејќи веќе бил во пензија и немал други обврски кои би му пречеле во тренирањето, Селим во период од три години го совладал таеквондото и положил црн појас. Во клубот тренирал заедно со децата кои можат да му бидат и внуци, но Селим не се обесхрабрил и на општа радост направил прилично добар успех за своите години.
„Со тренирањето на таеквондо настојував да се ослободам од болката и празнината која настана по смртта на мојата сопруга. Спортот ми стана како терапија”, изјави Селим.
Тој раскажа дека планира да положи и втор степен за црн појас, остварувајќи право на судење на натрпеварите и подучување на деца.
„Сакам на децата да им пренесам она што го знам, да изградам од нив квалитетни луѓе од кои заедницата ќе има корист. Секое семејство мора да ги насочи децата да се занимаваат со спорт”, заклучи Селим.
Неговата ќерка Еџем се изненадила многу кога дознала за намерата на нејзиниот татко да се запише на курс за таеквондо.
„Тој бараше за мене некој клуб за кикбокс и така се запиша на таеквондо. Се изненадив. На курсот одеа деца, но кога погледнав неколку тренинзи, видов дека татко ми ги следи во чекор” , изјави Еџем Ер (21), студентка по фармација на универзитетот Еџе.
Таа истакна дека спортот му помогнал на нејзиниот татко да ја преброди тагата и празнината по смртта на нејзината мајка.
Постарата ќерка на Селим, Озге (29) рече дека заедно со сестрата го поддржувале нивниот татко и присуствувале на полагањето на испитот за појас.