Ayhan Şimşek
05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија ја повика Русија денес да го искористи своето влијание врз сирискиот режим за да ја спречи големата воена офанзива во Идлиб, последното упориште на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Очекуваме од Русија да спречи воена ескалација предизвикана од сирискиот режим и со тоа да ја спречи хуманитарната катастрофа“, изјави заменик-портпаролката на Владата на прес-конференција во Берлин.
Урлике Демер изјави дека Берлин одблиску ги следи преговорите меѓу Турција, Русија и Иран.
„Важно е да се постигне договор меѓу Русија и Турција, затоа се надеваме дека состанокот в петок меѓу Русија, Турција и Иран, како дел од процесот Астана, ќе придонесе за мирно решавање“, изјави таа.
Демер, исто така нагласи дека треба да се обезбеди непречен хуманитарен пристап до цивилните населени области во Идлиб.
Лоциран во близина на турската граница, Идлиб е дом на над 3 милиони Сиријци, каде што многумина избегаа од другите градови по нападите на силите на режимот.
Сирискиот режим неодамна ги објави плановите за започнување на голема воена офанзива во областа, која е контролирана од разни вооружени опозициски групи.
Во вторникот, заменикот генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања, Марк Ловкок, предупреди дека таквата офанзива ќе доведе до „најголемата хуманитарна катастрофа во 21 век“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Хасан Рохани в петок треба да се состанат во Техеран, во рамките на трилатералниот Самит за Сирија.