Kasım İleri
17 Ноември 2017•Ажурирај: 18 Ноември 2017
АНКАРА (AA) - Генералштабот на Турските вооружени сили во врска со случувањата на НАТО вежбата „Тридент Јавелин" во Норвешка, издаде соопштение во кое се наведува дека турските војници кои учествувале во вежбата на НАТО забележале дека во текот на вежбата на едно од паноата кои претставуваат непријателски мети е поставена фотографија на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Република Турција, а на другото, името на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Потоа началникот на Генералштабот на турската војска Хулуси Акар нареди Турција да ги повлече своите војници од НАТО вежбата во Норвешка, а на челниците на НАТО им е упатен протест. Потоа, од НАТО упатија извинување на Турција, наведувајќи дека изразуваат жалење поради овој случај, кој, како што рекоа е неприфатлив", се наведува во соопштението.
Потсетуваме, претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, дознавајќи за целиот случај, денеска во Анкара порача дека неговата земја ги повлекува своите војници од НАТО вежбата во Норвешка.
„Вчера во Норвешка имаше една ситуација,поставија табла којашто претставува непријателска цел. На неа слика на Ататурк и моето име. И тоа се цели. Кога за тоа слушнаа нашиот началник на Генералштабот и министерот за прашања за ЕУ, кои вчера беа на пат за Канада, ми се јавија. Рекоа дека на таа вежба учествуваат 40 наши војници и оти веднаш ќе ги повлечат. Реков да ги повлечат, дури и ако се случи тие табли да бидат отстранети. Такво сојузништво и таков сојуз не се можни", рече Ердоган.
Потоа следуваше и реакцијата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој порача дека е запознат со случувањата на вежбата на НАТО „Тридент Јавелин" во Норвешка и поради оваа грешка упати извинување на Турција.
Столтенберг упати пишано соопштение по повод скандалот кој се случи во Заедничкиот воен центар на НАТО во Норвешка, во кој порачува:
„Известен сум за случувањата за време на вежбата во Заедничкиот воен центар на НАТО во Ставангер, Норвешка. Упатувам извинување поради грешката до која дојде. Причината за овие случувања е едно лице, и како такви, тие не претставуваат став на НАТО“.
Тој нагласи дека лицето што го предизвикало скандалот е веќе разрешено од должност и дека во врска со случајот е започната истрага.
„Тоа лице не е вработен на НАТО, туку цивилен службеник кого Норвешка го ангажираше по договор. Одлуката за казнување на ова лице ќе ја дадат норвешките официјални лица“, порача првиот човек на НАТО, Јенс Столтеберг и нагласи: „Турција е важен сојузник на НАТО и дава голем придонес на безбедоста на пактот“.