Adham Kako
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во 2017 година биле убиени 10.204 цивили, од кои најголем дел настрадале во напади на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на СНХР се вели дека цивилите биле убиени за време на мачења, судири или напади, и дека меѓу загинатите има 2.298 деца и 1.536 жени.
Се додава дека во нападите на режимот и со тортура биле убиени 4.148 цивили, од кои 754 биле деца и 591 жени.
Припадниците на терористичката организација ПЈД/ПКК усмртиле 316 цивили, меѓу кои 58 деца и 54 жени, а терористите на ДЕАШ убиле 1.421 цивили, вклучувајќи 281 деца и 148 жени.
Во нападите на руските сили загинале 1.436 цивили, меѓу кои 439 деца и 284 жени, а во нападите на коалициските сили во борбата против ДЕАШ загинале 1.759 цивили, меѓу кои 521 деца и 332 жени.
Во судирите на опозицијата и антирежимските групи со припадниците на режимот, загинале 211 цивили, од кои 47 деца и 30 жени.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) исто така истакнува дека во нападите за кои не се знае кој ги извршил загинале 913 цивили, вклучувајќи 198 деца и 97 жени.
Податоците од извештајот покажуваат дека најмногу жртви, поточно 2.019 цивили има во Дамаск, 1.352 во Алепо, 1.324 во Деир ез-Зор, 1.256 цивили загинале во Идлиб, 882 во Дера, во Хама 852, додека во Хомс животот го загубиле 781 цивили.