Besar Ademi
06 Март 2017•Ажурирај: 07 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука на Република Македонија, Пиштар Љутфиу присуствуваше на манифестацијата во Културно-информативниот центар – Скопје, посветен на 130-годишнината од првото албанско училиште и годишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Пиштар Љутфиу во своето обраќање пред присутните рече дека албанските училишта се развивале во историски околности и процес во раните фази на општеството, за да стигнат до денешно време.
„Нашиот предизвик денес е да се обезбеди квалитет во образованието, како неопходност во контекст на интеграцијата и достигнувањето на европските стандарди. Нашиот народ ќе го запамети и ќе го слави денот на наставниците, кој е голем настан во историјата на албанското образование и култура“, рече Љутфиу
Во врска со Универзитетот „Мајка Тереза“, при чие основање се појавиле некои пречки поради недостатокот од кадар, министерот Пиштар Љутфиу истакна дека институцијата што ја води ги има делегирано сите обврски во континуитет, а моментално овој универзитет функционира онака како што било планирано.
Од друга страна, ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азис Положани рече дека во моментов на Универзитетот се запишани околу 230 студенти, а се очекува во следните неколку години, бројот на студентите да се зголеми. Тој најави дека во септември ќе започне изградбата на новиот објект на Универзитетот, кој се очекува да биде завршен во рок од три години.
„Сите чекори што беа планирани за воспоставување и консолидирање на образованието се применувани и се применуваат. Ништо нема да остане нереализирано. За објектот, како што беше предвидено за следните три години, ние сме го направиле нашиот дел, задачата за проектирање заедно со условите што мора да ги исполнува еден универзитет. Постои тендерска постапка за идејата и се надевам дека како беше кажано, во септември ќе се постави камен-темелник, и зградата да се заврши за 2-3 години“, рече Положани.
Инаку, во рамките на Универзитетот „Мајка Тереза“ има пет факултети – имено, за општествени науки, компјутерски науки, технолошки науки, технички науки и инженерство и за архитектура. Во моментов, студентите на универзитетот ги посетуваат академските часови во зградата на Сојузот на синдикатите на Македонијa.