Ali Cura
09 Ноември 2018•Ажурирај: 10 Ноември 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека Авганистан не треба да биде место каде што се играат геополитичките игри и додаде: „Проблемите во Авганистан можат да се решат само преку политички пат“, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров говерејќи на отворањето на втората рунда преговори за Авганистан организирани во московски формат, нагласи дека целта на овие преговори е да се најдат начини за воспоставување на сеопфатен и заеднички дијалог, со цел развој на процесот на националното помирување и повторна изградба на мирот на територијата на Авганистан.
Лавров, нагласувајќи дека земјите учеснички на состанокот се соочуваат со закана од меѓународен тероризам, посочи дека Авганистан е една од целите на терористите.
Лавров рече дека со поддршка на странските спонзори терористичката организација ДАЕШ се обидува да го претвори Авганистан во отскочна штица.
„Задача на сите земји и мултилатерални структури во регионот е да се спречи овој план, да им се помогне на Авганистанците и да се елиминира заканата од тероризам“, истакна Лавров.
Лавров нагласи дека Русија и нејзините партнери во регионот ќе продолжат да прават сè за да започне дијалогот меѓу Талибанците и Авганистан, и додаде:
„Ние сме одлучни сè што е можно да работиме заедно за да помогнеме да се отвори нова страница во историјата на Авганистан. Московскиот формат има за цел да воспостави сеопфатен дијалог помеѓу Авганистанците, со цел да го унапреди процесот на национално помирување“.
Лавров, исто така, истакна дека државите во регионот и меѓународната заедница сакаат да се воспостави мир во Авганистан и да се исчисти од терористите и трговијата со дрога.
„Проблемите на Авганистан можат да се решат само по политички пат. Во тој контекст многу сме задоволни од тоа што Високиот мировен совет на Авганистан и делегацијата на талибанското движење учествуваат на состанокот. Нивното денешно учество на состанокот е значаен придонес за да започнат директни преговори помеѓу Владата, Талибанците и претставниците на пошироките општествени и политички кругови во земјата“, нагласи Лавров.
Лавров рече дека Русија ја поддржува заштитата на обединетиот и неделивиот Авганистан, каде што сите етнички групи ќе живеат во мир и на среќен начин, и дека никој не треба да го сместува Авганистан во категоријата на геополитички игри претворени во конкуренција меѓу странските актери.