Ömer Süt
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
ИЗМИР (АА) - ОМЕР СУТ – Осудениот внук на водачот на терористичката организација ФЕТО, Мехмет Мезер Ѓулен, учествувал во прикривањето на финансиските малверзации во компаниите поврзани со оваа терористичка организација, а еден од тие случаи е откриен во транскриптите на неговите пораки на шифрираната апликација БајЛок, јавува Anadolu Agency (AA).
Внукот на Фетула Ѓулен се сметал за т.н. имам на ФЕТО во турскиот образовен систем, а во април, поради раководењето со терористичката организација, осуден е на 21 година затвор.
Во истата постапка на затворски казни се осудени и Ерсин Тпуз (11 години) и Мехмет Дашону (12 години и 9 месеци).
Судот во образложението на пресудата изречена за Мехмет Мезер Ѓулен, објави и транскрипти на неговите разговори кои ги водел со посредство на апликацијата БајЛок (ByLock), под корисничкото име „mehmet45“ и ID бројот „52347“.
Меѓу 11.191 имејла, 7.407 пораки и 620 регистрирани повици, посебно внимание предизвикаа пораките од неговите преписки со член на терористичката организација ФЕТО, кој БајЛок апликацијата ја користел под корисничкото име „av.muhittin“.
Во пораките од 8 февруари 2016 година, внукот на Фетула Ѓулен и неговиот соговорник зборуваат за планот за прикривање на малверзациите во една од компаниите која дејствуваше под покровителство на терористичката мрежа ФЕТО.
Тие во таа преписката договараат план како по илегален пат да ги надминат проблемите на кои компанијата наишла при обидот за отворање на едно училиште, како и за сценариото за тоа да биде уверливо и да помине незабележано во јавноста.
mehmet45: Па, дали е ризично да се дели добивката?
av.muhittin: Постар брату, не се работи за ризик, ние официјално располагаме со капитал од 2 милиона, но знаете дека имаме училиште од 100 милиони. Во тој случај изградбата на училиштето мора да биде реализирана со донации и со сопствени приходи на училиштето.
mehmet45: Значи, не можеме да кажеме „донација од компании“... Тогаш ќе кажеме дека сме го изградиле со донации?!
av.muhittin: „Изградено со донации“ е лоша опција, не можеме тоа да го објасниме, но можеме да кажеме дека е „изградено од остварен приход“.
mehmet45: Да.
av.muhittin: Постар брату, неодамна разговаравме за тој случај. Посебно го прашав господинот Мустафа дали имаме фактури за тоа како сме ги изградиле училиштата.
mehmet45: Фактурирано е, но....
av.muhittin: Тој рече дека се прикажува дали училиштето е изградено од сопствените приходи, односно од добивки и позајмици од партнери. Не знам дали има нешто ново.
mehmet45: Дали може инвестиција од 100.000 лири да биде уверлива од капиталот од 2.000 лири?
av.muhittin: Компанијата со години не дистрибуираше профит, туку инвестираше.
mehmet45: Немаме избор, ќе кажеме така.
av.muhittin: Партнерите не инвестираат заради профит, туку 34 години вложуваат пари во акциите заради придонес во образованието. Остварениот профит не се дистрибуира на партнерите, туку се троши за образованието, стипендии и објекти. Подоцна тие продаваат акции, ги земаат своите пари и си одат. Не се сетив на друго решение. Мислам дека тоа е изјава која има цврста основа, но и документација. Меѓутоа, не би требало сите тоа да го објаснуваат како да го научиле напамет, туку би требало да го прават и со убеденост и со чувство на чест.
mehmet45: Имаме места каде што ја дистрибуиравме добивката.
av.muhittin: Размислете, тука донаторите не ги губат своите пари. Од компанијата добиваат акции. Придонесуваат за компанијата, а подоцна по потреба ги продаваат акциите и ги земаат своите пари. Нека биде како што ќе кажете, брате, ќе ја делиме добивката, не е проблем.
mehmet45: Во ред, така пишувам.
av.muhittin: Да го дистрибуираме вишокот. Ќе ја делиме добивката, ако ја има, покрај инвестициите, стипендиите и намалувањата. Сите нека ги подготват билансите, нека ги прегледаат инвестициите и соодветните сценарија, колку им припаѓа.