Esma Küçükşahin
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
ЈОЗГАТ (АА) - Заменик-премиерот на Турција, Бекир Боздаг, во врска со постигнувањето на турско-американскиот Договор за Мапата на патот за решавање на ситуацијата во Сирија, изјави дека овој модел нема да се однесува само на Mунбич, туку дека и источната страна на реката Еуфрат ќе биде исчистена од терористите на ПКК, ЈПГ и ПЈД, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг за време на посетата на турскиот град Јозгат, учествуваше на програма на телевизискиот канал „ХаберТурк“, и во таа пригода одговори на прашањата на новинарите за актуелните настани. Меѓу другото, тој ја искоментира Мапата на патот за Мунбич.
„Ова нема да се однесува само на Mунбич. И источната страна на Еуфрат ќе биде исчистена од терористите на ПКК, ЈПГ и ПЈД. Ние се залагаме источниот дел од Еуфрат, исто како и во случајот со Mунбич, да се реши со едно политичко разбирање. Ако овие региони не се исчистат од терористите, ако продолжи заканата од тероризам, Турција има право на заштита на националната безбедност и уништување на терористичките закани. Нема да се двоумиме да ги искористиме нашите права“, рече Боздаг.
Кога станува збор за Мапата на патот, Боздаг истакна дека станува збор за многу јасен и отворен план. „Ние имаме многу јасен календар. Многу добро е испланиран периодот од 90 дена, што и кога ќе се работи. Сè е утврдено“, рече Боздаг.
Тој додаде дека во врска со северниот дел на Сирија, не е постигнат договор со САД за секое прашање, и дека САД, ограноците на ПКК на подрачјето на Сирија, ПЈД и ЈПГ, не ги прифаќаат како терористички организации.
„Со нив управува ПКК, тие се нивни ограноци. Им дадоа 5.000 камиони и 2.000 транспортни наоружани авиони. Им рековме: ’Ајде заедно да се бориме против терористите на ДЕАШ‘, но тие решија да бидат заедно со терористичка организација“, рече Боздаг.
Делегациите на Турција и на САД минатата недела во Анкара договорија нацрт-план на решенија за Мунбич, според кој терористите треба да го напуштат регионот во неколку фази, а локалните жители да ја преземат власта со поддршка на турските и американските сили.
На почетокот од неделата во Вашингтон се сретнаа шефовите на турската и американската дипломатија Мевлут Чавушоглу и Мајк Помпео и ја потврдија Мапата на патот за воспоставување на безбедноста и стабилноста во Мунбич.