Hatice Özdemir
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, изјави дека има разузнавачки информации оти постои можност лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, да побегне од САД, од коишто Турција официјално побара негова екстрадиција, во трети земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред почетокот на седницата на Клубот на пратеници на владејачката Партија на правда и развој (АК партија), во турскиот Парламент, Боздаг даде изјава за новинарите во која истакна дека на 10. Септември, Турција на САД им испрати барање за апсење на Ѓулен и дека администрацијата на САД ветила оти брзо ќе одговори на барањето.
„Досега не одговориле, а ние го чекаме тој одговор. Од нас повеќе не бараа документација, затоа што веќе им испративме соодветни докази и информации во врска со барањето за приведување. Документацијата содржи и повеќе од бараниот обем на докази што потврдуваат дека обидот за државен удар во Турција, на 15 јули, го иницирал и го раководел Фетула Ѓулен, основач и водач на терористичката организација ФЕТО“, рече Боздаг.
На прашање на новинарите, Боздаг ги коментираше наводите во врска со можноста за бегство на Ѓулен од САД во друга земја.
„Да, имаме одредени разузнавачки информации во врска со ова прашање. Плашејќи се од можноста дека САД може да го екстрадираат во Турција, тој моментално бара опција каде би можел да избега. Имаме сознанија дека припадници на неговата терористичка организација бараат соодветна трета земја за неговото бегство“, изјави Боздаг.
Терористичката организација ФЕТО се товари за голем број кривични дела во Турција, вклучително и прислушување на државниот врв и обид за соборување на легалните и легитимни турски власти преку припадниците на таа организација кои во изминативе неколку години тајно се инфилтрирани во сите институции на Турција.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, која со посредство на своите поданици во рамките на Турските вооружени сили, на 15 јули се обиде да изврши државен удар во Турција. Потоа, во Турција се интензивира истрагата за терористичката мрежа против која веќе се започнати низа правни постапки.