Mümin Altaş
28 Јануари 2018•Ажурирај: 29 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Заменик премиерот на Турција, Бекир Боздаг, изјави дека треба да се внимава во однос на лагите, клеветите, подбуцнувањето и провокациите до кои ќе дојде по операцијата „Маслинова гранка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг на социјалната мрежа Твитер напиша дека операцијата „Маслинова гранка“, која Вооружените сили на Турција (ТСК) во Африн ја започнаа на 20 јануари, се одвива според планот.
Тој додаде дека и покрај лошите временски и теренски услови, турските војници продолжуваат со напредувањето и ослободувањето на подрачјата од терористите.
Заменик турскиот премиер потврди дека војниците на Турските вооружени сили ја ослободиле планината Бурсеја од терористите.
Исто така предупреди дека е потребно да се внимава во однос на лагите, клеветите, провокациите и подбуцнувањата до кои ќе дојде по операцијата „Маслинова гранка“.
„Не би требало да ги уважуваме изјавите ниту вестите освен оние што доаѓаат од официјалните соопштенија и вестите потврдени од официјалните институции“, наведе Боздаг.
Тој истакна дека не треба да се верува на вестите, коментарите и содржините кои терористите и поддржувачите на терористичките организации ги шират на социјалните мрежи.
„Немојте да бидеме свесно или несвесно средство на нивното ширење“, напиша Боздаг.
Тој додаде и дека ослободувањето на планината Бурсеја предизвикало големо воодушевување во тоа подрачје, но и во соседен Азаз.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција коешто е засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.