Ivana Ramadanova
20 Јули 2016•Ажурирај: 21 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) – На денешната неколкучасовна рунда преговори на претставниците на четирите политички партии – потписнички на Договор од Пржино, конечно беше постигнат договор за излез од политичката криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли по денешните разговори соопшти дека лидерите на четирите политички партии, според постигнатиот договор, до крајот на август треба да го утврдат датумот на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада формирана 100 дена пред нивното одржување.
„Имаме добри вести, постигнат е договор. Партиите се согласија една година по договорот од Пржино да продолжи неговата имплементација.
Преговарачките тимови се договорија Законот за внатрешни работи што неодамна го донесе Владата, да биде суспендиран до 1 јануари 2017 година, а новиот министер да има можност да смени 15 раководни лица“, изјави амбасадорот Бејли по завршувањето на средбата.
Според него, следната средба на партиите ќе се одржи до 31 август, кога партиите треба да направат процена за имплементацијата на Договорот и да закажат датум за избори.
Во делот на медиумите, договорено е СДСМ да именува главен и одговорен уредник на МРТВ, а посебно тело во рамките на Агенцијата за медиуми да предлага казни за медиумите за начинот на известување, додека во однос на избирачкиот список, 170.000 граѓани ќе бидат обележани со ѕвездичка, додека 40.000 граѓани дополнително ќе се проверуваат.
Бејли истакна дека партиите се обврзале на исполнување на итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе, имплементација на Охридскиот договор и почитување на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
„Партиите се обврзаа дека ќе бидат посветени на спроведување на европските реформи и дека ќе го почитуваат Законот за Специјалното јавно обвинителство“, потенцира Бејли.
Од деновите од објавувањето на резултатите од изборите до формирањето на новата Влада, министерската функција во МВР за првпат во историјата ќе ја извршува Албанец.
На денешната средба во Клубот на пратениците присуствуваа претставникот од делегацијата на ЕУ во Скопје, Тибор Бароди, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.