Ekipa
18 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
БЕРЛИН (АА) - Во германскиот главен град, Берлин, кој воедно е и една од 16-те германски сојузни покраини, околу 2,5 милиони бирачи денес одлучуваат кој ќе ги претставува во покраинскиот парламент, а според истражувањата на јавното мислење се очекува пораз на водечката коалиција на Социјалдемократската партија (SPD) и Христијанско-демократската унија (CDU) на германската канцеларка, Ангела Меркел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Исто така се предвидува влез на национално-конзервативната и евроскептичната партија Алтернатива за Германија (AfD) во покраинскиот парламент.
Социјалдемократската партија е партија која по анкетите моментално има над 20 отсто од гласовите. Христијанско-демократската унија, Зелените и Алтернатива за Германија се веднаш зад тие партии и испитувањата на јавното мислење им даваат речиси еднаков број на гласови.
Главна тема на предизборната кампања во Берлин, како и во останатите сојузни држави, беше бегалската криза. Берлин од почетокот на бегалската криза прими десетици илјади бегалци.
Денешните избори се случуваат две недели по падот на трето место на Христијанско-демократската унија (CDU) на германската канцеларка Ангела Меркел, на изборите во источната покраина Мекленбург - Западна Померанија, каде Алтернативата за Германија ја забележа својата победа. Тоа е најлош резултат на демохристијаните во покраината, која претставува политичка база на канцеларката Меркел.
Канцеларката Меркел, сепак, не отстапува од принципите на својата политика за бегалци, но сè уште не соопшти дали ќе ја предводи Христијанско-демократската унија на претстојните парламентарни избори во 2017 година. Одлуката за новиот мандат најави дека ќе ја објави благовремено.
Гласачките места се отворени од 8:00 до 18:00 часот, а кратко по затворањето ќе бидат објавени анкетите за излезноста на изборите.