Ekipa
06 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
БРИСЕЛ (АА) - Мишел Барние, кој ќе биде главен преговарач на ЕУ во преговорите со Велика Британија за излез од блокот, изјави дека преговорите би требало да траат 18 месеци, а не 24, јавува Anadolu Agency (AA).
Британската премиерка Тереза Меј планира до крајот на март да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, со што формално ќе ја извести ЕУ дека нејзината земја го започнува двегодишниот процес за излез.
Меѓутоа, со оглед на формалните процедури поврзани со процесот, како што се парламентарните одобрувања, Барние изјави дека ефективното време на преговорите ќе трае пократко. Тој додаде дека договорот за излез од ЕУ би можел да биде постигнат до октомври 2018 година.
Во своето прво појавување во јавноста откако ја презеде улогата на преговарач на ЕУ, Барние денес истакна дека Велика Британија не може да го избере она што и се допаѓа во Унијата. Тој нагласи дека единствениот пазар и четирите основни европски слободи, како што е слободата на движење, се нешто неразделно.