Ersin Şiyhan
06 Ноември 2017•Ажурирај: 07 Ноември 2017
АНТАЛИЈА (АА) - Во турскиот туристички бисер Анталија вчера заврши престижниот меѓународен голф-турнир „Turkish Airlines Open“ (Туркиш ерлајнс опен), а челникот на голф федерацијата на земјата, Ахмет Агаоглу, рече дека голфот веројатно е локомотива за развој на спортот, јавува Anadolu Agency (AA).
Четиридневниот турнир се одржа во туристичкиот центар Белек, на терените на хотелот „Regnum Carya Golf Resort“ (Регнум џарја голф ресорт), а титулата на првенството ја освои Британецот од Олимпијадата во Рио де Жанеиро, Џастин Роуз.
Наградата на победникот му ја врачи турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и министерот за млади и спорт, Осман Ашкин Бак, а Агаоглу рече дека организацијата е беспрекорна и оти на турнирот учествувале значајни имиња од светот на голфот: Хенрик Стенсон, Тајрел Хатон, Мет Фицпатрик и Падраиг Харингтон.
„Во моментов, турнирот во Анталија е седмиот или осмиот по значај во светот, и тоа е најдобар одговор за оние што во светот шират гласини против Турција“, рече Агаоглу, додавајќи дека сите големи светски медиуми го проследиле настанот, а на социјалните мрежи изразиле благодарност до Турција како добар домаќин.
Потсетувајќи дека минатата година Турција ја посетија 110.000 туристи кои дошле исклучиво за да играат голф, Агаоглу рече дека изградбата на нови 50 голф-терени ќе донесе и нов профит од милијарда долари.
Тој укажа на фактот дека Шпанија од голф-туризмот заработува пет милијарди евра годишно и додаде оти и Турција ги има сите потенцијали за развој на инфраструктурата и потенцијал да стигне до тие бројки.
„Не се согласувам со оние што велат дека голфот е спорт на богатите, бидејќи голфот е спорт за луѓе чиј мозок работи и за луѓе што го водат светот. Американскиот претседател Трамп, нема да го видите како игра фудбал или кошарка, а сопственик е на седум или осум терени за голф и редовно игра“, рече Агаоглу.
Тој исто така го наведе примерот на Јапонија, каде што луѓето се познати по својата трудољубивост и користењето на секој слободен момент, истакнувајќи дека Јапонците немаат простор да прават куќи и живеат во станови од 25 квадратни метри, но затоа имаат имаат 2.400 голф-терени.
„Голфот е профитабилен спорт и профитабилна туристичка гранка. Тоа го препознаваат добрите лидери со визија и инвестираат во тој спорт. Еве, пример е и овој наш турнир со којшто за четири дена допревме до 1,5 милијарди луѓе“, заклучи Агаоглу.