Şerife Çetin
29 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
БРИСЕЛ (АА) - Новото седиште на НАТО во Брисел чија изградба траеше осум години, а кое со работа започна минатиот месец, на екипата на Anadolu Agency (AA) ѝ ги отвори сите свои врати, јавува Anadolu Agency (AA)
Шефот на програмата во новото седиште на НАТО, Богдан Лазарое, изјави дека бројот на членките на НАТО од 1967 година, кога седиштето е преместено од Париз во Брисел, е речиси удвоен (зголемен од 15 на 29).
Тој додаде дека старата зграда на седиштето не можела да одговара на потребите на Алијансата, поради што сојузниците во 1999 година донесоа одлука за изградба на нов објект.

Зградата на поранешното седиште кон крајот на 2019 година би требало да биде предадена на Владата на Белгија.
- Трошоците ги сносат сојузниците -
Изградбата на новото седиште траеше осум години, а трошоците се проценуваат на околу 1,17 милијарди евра. Трошоците се покриваат со придонес на сојузниците на НАТО, најмногу САД, а најмалку Исланд.
Објектот е направен на подрачје на кое некогаш се наоѓаше првиот меѓународен аеродром во Белгија. На изградбата во просек дневно работеа околу 4.000 лица. НАТО за земјиштето плаќа симболична цена и е сопственик на објектот.
Седиштето е направено на површина од 254.000 квадратни метри. Во него се наоѓаат 1.365 канцеларии и работат околу 4.200 лица. Се очекува дека секоја година во седиштето ќе бидат одржани околу 5.000 состаноци, а дневно го посетуваат повеќе од 500 лица.

Покрај 18 конференциски сали, центри за медиумите, во седиштето се наоѓаат и дипломатски и воени претставништва на 29 национални делегации.
За „срце“ на новото седиште се смета конференциската сала „Room One“ во која се одржуваат состаноци со шефовите на државите и владите, министрите и амбасадорите. Салата е опремена со најнова технологија, а овозможен е превод на 17 јазици. Во салата никој, ниту претседателите на државите, не може да внесе електронски уреди.
- Стаклена „зелена“ зграда -
Една од работите што привлекуваат најмногу внимание кога станува збор за новото седиште на НАТО е тоа што објектот е целосно во стакло. Седиштето е прекриено со 72.000 квадратни метри стакло, а за негово одржување се ангажирани лица кои поминале обука за планинарење.

Лазарое изјави дека ваквиот изглед на објектот симболизира транспарентност која е еден од главните принципи на Сојузот. Според неговите зборови, преземени се мерки користењето на стаклото да не претставува пропуст од безбедносна страна. Тој додаде дека објектот целосно бил исчистен од внатрешните и надворешни безбедносни закани.
Користењето на големи прозорци во новото седиште во исто време овозможува максимално искористување на природната светлина, а со тоа и намалување на употребата на електрична енергија. Токму ваквиот дизајн овозможува намалување на енергетската потрошувачка за 30 отсто во споредба со претходното седиште.

Исто така, посебно инсталираниот систем овозможува автоматско гасење на светлата во празните простории, како и регулирање на количината на светлост во однос на светлоста која доаѓа однадвор.
Во паметниот објект е инсталиран и систем за загревање односно ладење, кој истовремено може да ја складира дождовницата. Така за тоалетите и чистење може да се обезбеди околу 90 отсто од водата.
- Симболичен дизајн -
Зградата е така проектирана што кога ќе се погледне од висина, наликува на испреплетени прсти. Главниот архитект Џо Палма на тој начин сакал објектот да го симболизира единството и соработка на сојузниците. На влезот е поставен Договорот на НАТО кој сојузниците постојано треба да ги потсетува на целта поради која е основана Алијансата.
Освен тоа, седиштето во кое истовремено се наоѓаат делегации на 29 земји испраќа порка на заедништво.