БЕРЛИН (АА) - Берлинскиот ѕид, наречен „Ѕид на срамот“ е урнат пред 29 години. Со ѕидот Берлин беше поделен на два дела, откако по Втората светска војна Германија беше поделена на Источна и Западна, пишува Anadolu Agency (AA).
Германија, која ја загуби Втората светска војна, и градот Берлин беа поделени на четири региони, американски, француски, британски и советски.
Потоа, во 1949 година, откако САД, Франција и Обединетото Кралство ги соединија своите единици за управување, беше формирана Сојузна Република Германија, поточно Западна Германија.
Советскиот Сојуз, пак, во својот регион ја основа Демократска Република Германија (Источна Германија – ДДР).

Западна Германија, освен со поддршката од сојузничките земји, се разви и преку слободната пазарна економија и нејзината демократска структура.
Источна Германија, чија економска и политичка структура се базираше на советскиот социјалистички систем, не се развиваше. Од друга страна, поради високиот просперитет на Западна Германија, десетици илјади луѓе почнаа да бегаат од Источна кон Западна Германија.
Оние што сакаа да бегаат во Западна Германија, тоа го правеа преку Берлин, како најсоодветен град.
Помеѓу 1949 и 1961 година, речиси 3 милиони луѓе, особено образовани и квалификувани млади луѓе, поради назадувањето на економијата на Источна Германија, избегаа во Западна Германија.
Со цел да се спречат овие заминувања, Источна Германија, на 12 август 1961 година (сабота навечер) тајно одлучи да ја затвори границата во Берлин.
Утрото на 13 август, војниците на Источна Германија, со бодликава жица ја затворија областа каде што се наоѓаше советската администрација. Но и овие жици не можеа да го спречат бегањето, па затоа ноќта на 17 август почна да се гради Берлинскиот ѕид во висина од 3,6 метри, кој подоцна беше наречен „Ѕид на срамот“.
На тој начин, во средината на Берлин беше изграден ѕид во должина од 44 километри, додека во неговата околина беше изграден ѕид со должина од 112,7 километри.
За време на изградбата на Ѕидот, лицата кои живееја во некои од куќите што се наоѓа на граничната линија, скокаа од прозорците, преминувајќи кон западниот дел.
Во наредните години се зголемија безбедносните мерки околу Ѕидот, така што беа додадени повеќе елементи, како што се кули за надзор, линија на смртта и внатрешен ѕид. Беа воспоставени осум гранични премини меѓу Источен и Западен Берлин. За најпознат се смета преминот „Checkpoint Charlie“, кој се наоѓаше на позната улица „Friedrichstrasse“.
Во 1987 година, во говорот што го одржа во Западен Берлин, американскиот претседател Роналд Реган упати повик до советскиот претседател Михаил Горбачов, „Урни го овој ѕид!“
Политиката на отвореност и реструктурирање на Михаил Горбачов (Гласност и Перестројка) и реформскиот процес кој започна во поранешните земји на Источниот блок со синдикалните активности во Полска, во 1989 година влијаеја на Унгарија и на Источна Германија.
Во летото 1989 година, луѓето од Источна Германија, со повик за слобода излегоа на улици.
Покрај тие протести, голем број луѓе се обидуваа да заминат во Западна Германија, пријавувајќи се во германската Амбасада во Прага, Варшава и Будимпешта.
Овие случувања ја принудија Владата на Источна Германија да подготви измени во регулативата за патување. Гинтер Шабовски, портпаролот на Партијата за социјалистичко единство (СЕД), која владееше во Источна Германија, на прес-конференцијата што ја одржа вечерта на 9 ноември, ги прочита измените во регулативата за патувања што ја подготви Владата. На новинарско прашање од кога ќе важи регулативата, Шабовски одговори: „Итно, веднаш!“
Откако веста се прошири преку медиумите, луѓето се упатија кон граничните премини и подрачјата во кои беше поставен Ѕидот. Истата вечер луѓето се качуваа на Ѕидот и почнаа да го уриваат. Официјалното уривање на Ѕидот започна на 13 јуни 1990 година.
Уривањето на „Ѕидот на срамот“ доведе до завршување на Студената војна и обединување на Источна и Западна Германија.
Цели 28 години траеја бегствата од Источна во Западна Германија, преку Берлинскиот ѕид кој е симбол на Студената војна.
До 9 ноември 1989 година, кога беше урнат Берлинскиот ѕид, 5.075 лица успеаја да избегаат на Запад.
Со желба да избегаат во Западна Германија, најмалку 138 лица загинаа при обидот да го преминат Ѕидот, набљудуван од 186 кули.
Првото лице кое го загуби животот, обидувајќи се да го помине Ѕидот на 22 август во 1961 година, е Ида Сикман, а на 24 август во 1961 година, загина и второто лице, Гинтер Лифтин.
Конрад Шуман, граничен војник на Источна Германија, е најпознатото лице кое избегало од Источен во Западен Берлин.
Шуман, на 15 август 1961 година ги прескокнал жиците во областа каде што бил на стража и заминал во Западна Германија. Неговата фотографија од бегството тој ден стана симбол на бегствата.
Обединувањето на Источна и Западна Германија со официјални церемонии се прославува секоја година на 3 октомври.
Причината поради која обединувањето не се прославува на 9 ноември, кога е урнат Берлинскиот ѕид, е таа што на овој датум во 1938 година нацистите ги нападнале куќите, работните места и синагогите на Евреите. Таа ноќ на трагични настани во историјата е позната како Кристална ноќ.