Besar Ademi
26 Септември 2016•Ажурирај: 27 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Стотици граѓани на Скопје во организација на „Шарената револуција“ се собраа пред Собранието на Република Македонија за да ја изразат својата поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и обвинителката Катица Јанева која се занимава со кривични дела што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите што ги објави македонската опозиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Со слоганот „Нема правда нема мир“, учесниците на протестот ги повикаа пратениците да го дадат својот глас за сите закони што СЈО бара да бидат изгласани, а институциите да ги достават сите потребни докази за работата на оваа институција.
Според нив, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ прави јасна пропаганда против обвинителката Катица Јанева и се обидува ја блокира работата на институцијата што ја предводи Јанева.
На улицата пред зградата на Собранието на Република Македонија, со различни бои тие испишаа неколку пораки за поддршка на СЈО, додека со големи букви беше напишано „Вашето време истече, сега е време на СЈО“.
Вчеравечер претставниците на „Шарената револуција“ фрлаа боја на Кривичниот суд Скопје 1. Тие сметаат дека Кривичниот суд е извор на најголемите пречки за работата на СЈО, бидејќи како што велат, oд вкупните барања за притвор од страна на СЈО, Кривичниот суд одобрил само едно барање, а од другата страна, за периодот 2012-2014, судовите одобриле 707 од вкупно 717 барања за притвор од страна на јавниот обвинител Марко Зврлевски.
Протестите на „Шарената револуција“ започнаа на почетокот на летото, а по три месеци пауза, денес се вратија со слични протести наведувајќи дека во иднина ќе продолжат да го поддржуваат СЈО.