Sorwar Alam
17 Февруари 2017•Ажурирај: 18 Февруари 2017
ВАЛЕТА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, во текот на денешната посета на Малта изјави дека неговата земја очекува подобри односи со Европа додека Малта претседава со Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим по состанокот со премиерот на Малта, Џозеф Мускат изјави дека со задоволство ја прифатиле одлуката за отворање на амбасадата на Малта во Турција и посака амбасадорот на оваа земја наскоро да започне да ја извршува својата должност.
Тој додаде дека на состанокот со Мускат разговарале за билатералните односи на нивните земји, развојот на трговијата, мигрантската криза и за ситуацијата во Сирија и во Либија.
„Нашата соработка не е ограничена само на поморството, можна е и на други полиња. Денес потпишавме два договора. Овие договори предвидуваат соработка на полето здравство и семејна и социјална политика“, изјави Јилдирим.
Тој додаде и дека Малта отсекогаш безусловно ја поддржувала Турција на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ).
„Се надеваме дека односите меѓу ЕУ и Турција за време на претседавањето на Малта ќе бидат развиени, дека ќе бидат отворени нови поглавја и дека ќе започне работата на договорот за Царинската унија меѓу ЕУ и Турција, за кој е одлучено да биде ажуриран“, додаде Јилдирим.
Осврнувајќи се на критиките на некои од официјалните лица на земјите-членки на ЕУ во врска со медиумските слободи во Турција, тој ја повика Европската Унија на отворање на поглавјата што се однесуваат на тоа прашање, за во врска со тоа да можат да ги изнесат сите факти и аргументи.
Во врска со вчерашното напуштање на состанокот за кипарското прашање од страна на грчкиот лидер, Јилдирим изјави дека сеопфатното решение на тоа прашање би донело траен мир и стабилност во Кипар. Турскиот премиер изјави дека официјалните лица на Турската Република Северен Кипар повеќе се залагаат за решавање на кипарското прашање во однос на јужните соседи.