Nurhan Çorlu
19 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Вицепремиерот и портпаролот на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, ги негираше наводите за планското повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ од Африн, Сирија, и рече дека Турските вооружени сили и Слободната сириска војска во операцијата „Маслинова гранка“, го ослободија овој град, а терористите биле принудени да избегаат пред нивниот налет, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг во Истанбул пред новинарите истакна дека Африн е ослободен од терористите, но дека останува да се реализира значителен дел од работата во регионот.
Негирајќи ги наводите на некои извори за наводното планско повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од Африн, Боздаг нагласи дека таквите лаги, главно, ги шират поддржувачите на ПКК преку социјалните мрежи.
„Терористите не се повлекоа, туку побегнаа од страв. Сфатија дека не можат да пружат отпор при налетот на Турските вооружени сили и беа принудени на бегство. Доказ за тоа се и полните складишта со оружје кои ги оставија. Да се повлекуваа плански, сигурно би го зеле со себе или би го уништиле тоа оружје, не би го оставиле“, рече Боздаг.
Портпаролот на турската Влада, исто така, напомена дека Турските вооружени сили во Африн не влегле за да останат таму, и дека Турција никогаш не е окупатор.
„Целта на нашата операција е да го исчистиме регионот од тероризмот, да воспоставиме мир, стабилност и безбедност, и да го предадеме регионот на неговите вистински сопственици и на локалното население“.
Утрово во центарот на Африн одекна силна експлозија по активирањето на бомба, која терористите на ЈПГ/ПКК ја поставиле во една зграда, а според првичните информации, загинале најмалку 11 лица.
„Знаеме дека терористите во Африн оставиле многу замки и мински полиња. Тоа подрачје треба да се расчисти од сите овие закани“, рече Боздаг.
Истакнувајќи дека подрачјето и центарот на Африн се расчистени од терористите на ПЈД/ЈПГ/ПКК/КЏК и ДЕАШ, Боздаг, исто така, нагласи дека во текот на операцијата нема цивилни жртви, и дека училиштата, болниците и населените места никогаш не биле цел на напади.
„Операцијата „Маслинова гранка“ не е ограничена само на таа цел, расчистување од терористите. Тоа е само една од целите. Најважна цел на операцијата беше да се спречи проектот на воспоставување терористички коридор и формирање терористичка парадржавна творба во регионот“, заклучи Боздаг.