Eda Fatma Topçu
19 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Еда Топџу -
Годишно 100.000 ученици и студенти од Турција заминуваат да се школуваат во странство, а во моментов 125.000 меѓународни студенти се школуваат на универзитетите во Турција, истакна генералниот директор на Меѓународниот саем за едукација (ИЕФТ), Дениз Акар.
Во разговорот со новинарот на АА, Акар рече дека во Турција пред седум години се школувале околу 25.000 странски студенти, и дека меѓународното образување во последните години забележува значаен раст во целиот свет. Во таа насока, и турските семејства, ученици и студенти, избираат школување во странство на различно ниво и во различни сегменти.
Зборувајќи за образованието во странство, директорот на ИЕФТ, Акар, истакна дека школувањето на Турците, според државите во кои се заминува, генерално е поделено на три категории:
„Во првата категорија спаѓаат земјите како што се САД, Велика Британија и Канада... Тоа се земји кои привлекуваат најголем број ученици и студенти од целиот свет... И интересот на учениците и турските семејства е најголем за овие земји... Втората група ја сочинуваат земји од Западна Европа и Источна Азија... Третата група, за која постои особен интерес во последните 10 години, се земјите како Русија, Кина и Малезија... Во последно време учениците и студентите од Турција започнаа да го покажуваат својот интерес за овие земји.
Трошоците за образование во САД, Велика Британија и Канада се највисоки... Годишно трошоците изнесуваат од 10.000 евра до 30 - 40 илјади евра. Во втората група европски земји, поточно во земјите како што се Германија, Франција, Унгарија, годишните трошоци изнесуваат од 3.000 до 10.000 евра. Во третата група спаѓаат земјите, како што се Русија и Кина, за таму трошоците се помали и на годишно ниво за квалитетно образование потребни се од 1.100 до 3.000 евра“.
- „Половина од студентите кои се школуваат во Турција, студираат на приватни универзитети“ -
Дениз Акар нагласи дека Турција е земја која има воспоставено рамнотежа околу бројот на студенти кои се школуваат во странство и бројот на студенти кои од странство доаѓаат да се школуваат во Турција, и продолжи:
„Годишно 100.000 ученици и студенти од Турција заминуваат да се школуваат во странство, а во моментов 125.000 меѓународни студенти се школуваат на универзитетите во Турција. Тоа е убав напредок. Пред седум години, бројот на странски студенти во Турција изнесуваше 25.000, од кои поголемиот дел беа студенти со стипендии. Со зголемувањето на бројот на приватни универзитети во Турција, забележан е сериозен раст на странските студенти. Во моментов, половината, поточно околу 50 - 60 илјади студенти се школуваат во приватни универзитети во кои школувањето се плаќа“.
Акар истакна дека во последните години е зголемен рејтингот на турските универзитети во голем број африкански земји, додавајќи дека африканските студенти во претходните години ги преферирале западноевропските и американските универзитети, а во моментов постои силна конкуренција меѓу турските и кинеските универзитети за придобивање на африканските студенти, факт што укажува на големиот квалитет на високото образование на турските универзитети.
„Меѓународните студенти во Турција, во најголем број покажуваат интерес за насоките, како што се социјалните и техничките науки, а во последно време, интересот на меѓународните студенти е насочен кон медицинските, стоматолошките и фармацевтските факултети“, истакна генералниот директор на Меѓународниот саем за едукација (ИЕФТ), Дениз Акар.