Mümin Altaş
16 Април 2017•Ажурирај: 16 Април 2017
АНКАРА (АА) - Anadolu Agency (AA) ги објави сите неопходни подготовки за следење на референдумот за уставни промени во Турција, кој ќе биде одржан во недела на 16 април.
Новинарите на АА на 16 април ќе известуваат од терен, а АА по пат на посебно онлајн емитување „Реферндум 16 април 2017 година” од минута во минута на претплатниците брзо и сигурно ќе им обезбеди информации од терен.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АА, Шенол Казанџи, изјави дека АА во изминатите три години следела пет изборни процеси. Тој истакна дека АА со тоа станала искусна установа кога е во прашање собирање на изборни резултати, и нивната испорака на претплатниците и јавноста.
Како што истакна тој, во рамките на подготовките за следење на референдумот во Турција, АА подготвила систем за следење на изборните резултати, испорака на информации на претплатниците, и бесплатни веб страни и ТВ пренесување за локалните телевизии.
Казанџи нагласи дека резултатите од гласањето на референдумот за претплатниците ќе бидат освежувани во интервали од две минута преку интернет и сателит. Според него, за сето тоа да биде извршено без потешкотии формирана била и резервна инфраструктура.
„Како што ќе започнат да пристигнуваат резултатите од референдумот, така ние ќе започнеме со пренос на резултатите кон нашите претплатници. Откако Врховната изборна комисија (YSK) ќе ја отстрани забраната за објавување, ние ќе информираме преку веб страната ‘www.secim.aa.com.tr’. Резултатите ќе бидат емитувани на 11 јазици”, изјави Казанџи.
Гласањето на турската дијаспора во неколку европски земји започна на 27 март, а процесот беше завршен на 9 април.
Во Турција право на глас имаат 55,3 милиони регистрирани гласачи, кои за предложената уставна реформа и воведување на претседателски систем за управување во таа земја ќе се изјаснат на денот на референдумот, 16 април, до кога и гласовите од дијаспората ќе бидат доставени во Турција.
Предлогот уставни реформи кој содржи вкупно 18 точки ја помина парламентарната процедура во јануари оваа година.
Реформата предвидува поголеми овластувања на претседателот на земјата, му овозможува да остане член на политичка партија, додека позицијата премиер ќе биде укината. Сите полнолетни граѓани ќе може да се кандидираат за влез во државниот парламент.