Meltem Bulur,Ömer Naim Küçük,Aşkın Kıyağan
15 Август 2016•Ажурирај: 16 Август 2016
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, потегот на шведската министерка за надворешни работи, Маргот Валстром, го оцени за скандалозен, која на социјалната мрежа Твитер сподели лажна вест за тоа дека Турција наводно ги одобрила сексуалните односи на лицата помлади од 15 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу денес одвоено се состана со челникот на опозициската Републиканска народна партијс (CHP) Кемал Киличдароглу, со шефот на Парламентарната група на владејачката АК Партија, Мустафа Елиташ и шефот на Парламентарната група на опозициската партија на Националното народно движење (MHP) Еркан Акчај, а по тие средби им се обрати на новинарите и ги коментираше актуелните случувања во земјата и светот.
Истакнувајќи дека надворешната политика е национално прашање, Чавушоглу изјави дека имал исклучително конструктивни разговори со претставниците на парламентарните партии, што е само продолжение на културата на дијалогот која е искажана по неуспешниот обид за воен удар во Турција.
Чавушоглу изјави дека го известил челникот на опозицијата, Киличдарогу, за актуелните надворешно-политички теми, а меѓу останатото и за договорот постигнат помеѓу Турција и Израел. Потсетувајќи дека билатералниот договор е потпишан и упатен кон турската Влада, Чавушоглу изјави дека конечниот суд за тоа ќе го донесе Парламентот, и дека задача на Министерството за надворешни работи за тоа да информира и да ги упати пратениците.
- Турција и понатаму смета дека Асад треба да си оди од власт во Сирија -
Осврнувајќи се на случувањата во Сирија, шефот на турската дипломатија Чавушоглу изјави дека Турција од почетокот на сириската војна разговарала за зачувување на територијалната целосност, суверенитетот на Сирија во која требаат да бидат застапени сите етнички и верски групи во секуларниот систем на демократијата. Тој додаде дека Турција за тоа постигнала согласност и со Русија уште пред соборувањето на рускиот авион кон крајот на минатата година, кога дојде до застој во односите меѓу Анкара и Москва.
Потсетувајќи дека, и покрај одлуките на Советот на безбедност на ОН, во Сирија никогаш не е воспоставено трајно примирје и дека Алепо и понатаму е под опсада иако некое време беше отворен хуманитарен коридор, Чавушоглу изјави дека целиот свет сведочи дека силите на сирискиот режим ги продолжуваат нападите додека се водат дискусии за хуманитарна помош.
„Најважното прашање се однесува на тоа на кој начин ќе дојде до политичка транзиција во Сирија. Нагласуваме дека транзициската влада мора да ги вклучи сите групи и дека мора да се продолжат преговорите започнати во Женева. За прашањето за заминување и останување на Асад на власт, има различни ставови. Турција јасно смета дека Асад треба да замине. Цело време зборуваме дека Сирија не може да го води режимот кој е одговорен за убивање на речиси 600.000 луѓе и дека околу Асад не можат да се соберат групите и да се обедини сириската опозиција”, изјави Чавушоглу.
- Чавушоглу: Никогаш нема да ја предадеме земјата на терористите -
Непосредно пред обраќањето на новинарите во Анкара, Чавушоглу доби информација дека во терористичкиот напад на ПКК во Дијабакир загинале три лица, а ранети се 25 лица, и порача дека Турција со сите сили ќе ја продолжи борбата против тероризмот.
„Обидот за воен удар на терористичката организација ФЕТО беше неуспешен. Сега почнаа да ги интензивираат нападите и терористите на ПКК кои се нивни браќа по злосторство. Нема да ја препуштиме оваа земја на сепаратистите, токму како што не ја препуштивме на предавниците и паралелџиите” , порача Чавушоглу.
- Пораката на шведската министерка е скандалозна ѝ не и доликува -
Чавушоглу ја коментираше и неодамнешната порака на шефицата на шведската дипломатија Волстром, која на база на лажни вести ја повика турската Влада да ја укине наводната одлука за одобрување на сексуални односи на деца помлади од 15 години, и ја оцени за скандалозна.
„Во прв ред, на една државна министерка не ѝ прилега врз база на лаги да дава такви пораки. Владата на Турција одлучно и посветено работи на заштита на правата на децата и се бори за нивна безбедност и слобода”, изјави Чавушоглу и додаде дека е загрижувачки порастот на реториката на омраза кон исламот и Турција во Шведска.
- Потпретседателот на САД, Бајден, доаѓа во посета на Турција на 24 август -
Министерот за надворешни работи на Турција, Чавушоглу, исто така го коментираше актуелниот процес во врска со барањето на Турција кон САД за испорачување на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, која е одговорна за неодамнешниот обид за воен удар во Турција.
Тој изјави дека барањето е службено упатено и дека во тек е собирањето на додатен доказен материјал, и дека делегациите на американските министерства за надворешни работи и правда, на 23 и 24 август допатувале во Турција.
„Вчера е потврдено дека потпретседателот на САД, Бајден, во Турција доаѓа на 24 август. Претходно државниот секретар Кери изјави дека сака да дојде, а наместо него доаѓа Бајден. Така одлучија тие. Подоцна и делегацијата на претставници од турското Министерство за надворешни работи и правда со сите документи и досиеја ќе го посети Вашингтон и на тамошните официјални лица ќе им ги предадеме тие документи и ќе им објасниме зошто треба да го испорачаат Ѓулен во Турција”, изјави Чвушоглу.