Seval Güler
07 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека турскиот народ по терористичките напади во оваа земја сфатил какви се вистинското лице и намерите на терористичките организации ПКК, ДЕАШ и ФЕТО. Ердоган изјави дека секој жител на Турција многу добро знае дека ДЕАШ нема никаква врска со исламот и оти тоа е група убијци со крвави раце, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес зборуваше на редовниот состанок на парламентарната група на Партијата за правда и развој (AK Parti) во Анкара, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања.
Зборувајќи за неодамнешното пуштање во сообраќај на железницата помеѓу главниот град на Азербејџан, преку Грузија, до турскиот град Карс, Ердоган изјави:
„Овој проект со којшто е воспоставена непрекината железничка комуникација од Кина до Лондон е од големо значење, проект што има потенцијал да ја промени иднината на економските и хуманитарните односи во регионот“.
Турскиот претседател се осврна и на првиот автомобил од домашно производство за којшто се очекува да биде пуштен во продажба во 2021 година, и изјави дека неговата земја е сведок на историски чекор во остварувањето на еден сон.
„Прототипот на автомобилот го очекуваме во 2019 година, а пак пуштањето во продажба на првиот турски автомобил го очекуваме во 2021 година“, изјави Ердоган.
Зборувајќи за сите искушенија со коишто Турција беше соочена во последните пет години, Ердоган нагласи дека турскиот народ ги воочил сите сплетки што биле наменети за оваа земја, и оти секогаш давал поддршка за посилна Турција.
„Во овој период, преку терористичките организации се направи обид да ѝ се нанесе штета на нашата земја. Тоа е процес којшто започна со напорите за предизвикување општествен хаос во земјата, а продолжи со крвавите напади на терористичките организации ПКК, ДЕАШ и ФЕТО. Секој напад истоврмено беше и лакмус хартија со чија помош народот го сфати вистинското лице и вистинските намери на терористичките организации. Секој жител на нашата земја денес многу добро знае дека ПКК не е само ПКК. Тоа е организација којашто се користи како апарат во акциите против нашата земја. Нашиот народ исто така многу добро знае дека ДЕАШ нема никаква врска со исламот и оти тоа е само група убијци со крвави раце“, порача Ердоган.